Пробен попис во 13 општини од 10 до 30 јуни

И пробниот, и главниот попис ќе траат 21 ден, односно три недели. Ѓорѓиева е категорична дека нема да се објавувата податоци од пробниот попис, туку за Заводот се битни методологијата и техничкото одвивање на оваа обемна, значајна статистичка операција за да се спроведе успешно.

155

Од 10 до 30 јуни во 13 општини во земјава, односно во 32 пописни круга, ќе се спроведе пробен попис на населението, домаќинствата и становите, соопшти Јасмина Ѓорѓиева од Државниот завод за статистика кој ќе ја спроведе оваа обемна пописна операција.

Ѓорѓиева денеска беше на средба со прилепските локални власти од каде доби сесрдна помош доколку на Заводот му е потребна. Пробниот попис ќе се спроведе во Прилеп, Долнени, Кисела Вода, Зелениково, Гостивар, во Кичево, Струга, Свети Николе, во Радовиш, Валандово, Куманово, Кратово и во Штип.

Според Ѓорѓиева, со ова Државниот завод забрзано се подготвува за организација и за успешно спроведување на следниот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија што треба да се одржи во периодот од 1 до 21 април 2020 година.

– Пробниот попис претставува еден вид симулација на главниот попис кој треба да се спроведе наредната година. Тоа нам ни е неопходна алатка за да ги провериме сите инструменти што се потребни за успешно спроведување на една таква голема статистичка операција. Тоа подразбира дека 32 попишувачи, вработени во Државниот завод за статистика излегуваат на терен и ги проверуваат сите методолошки аспекти на спроведувањето на попишувањето, како и организациско-техничките подготовки за пописот. Тоа нам ќе ни послужи да видиме дали сме на вистинскиот пат, што имаме досега направено, што треба да се коригира и да се подобри за во следната година да бидеме сериозно, професионално подготвени за успешно спроведување на пописот, рече Ѓорѓиева – координатор на Секторот за дисеминација и односи со јавност при ДЗС.

Оваа недела ДЗС ги информираше сите 13 општини каде ќе се спроведе пробниот попис и наиде на огромна поддршка од градоначалниците и од локалните самоуправи кои понудија сесрдна помош. Ѓорѓиева апелира до граѓаните со доверба да ги примат попишувачите од Заводот кои ќе бидат лиценцирани. Овој попис има новини помеѓу кои е електронското попишување, ќе се попишувата и лицата во странство, а граѓаните треба само да покажат матичен број.

– Пописот во наредната година е поразличен од досегашните и има три основни карактеристики со кои се разликува: единствена институција надлежна за спроведување на пописот е ДЗС, ќе се применува комбинираниот метод, што подразбира попишување на теренот, лице в лице и комбинирање со податоци од административни збирки податоци кои постојат во државата и третата карактеристика е дека ќе се спроведува електронски. Тоа значи дека се олеснува прибирањето на тие податоци и се забрзува постапката на обработката и објавувањето на податоците. На овој начин ќе има можност конечните податоци да бидат објавени по 6 месеци од спроведувањето на пописот. Една од новините е што овој пат ќе се попишувата и лицата кои се иселени во странство. Затоа апелирам до граѓаните и за иселените лица да обезбедат матичен број. За оние кои се иселени ќе има електронска апликација за да може сами да се попишат – објаснува Ѓорѓиева.

И пробниот, и главниот попис ќе траат 21 ден, односно три недели. Ѓорѓиева е категорична дека нема да се објавувата податоци од пробниот попис, туку за Заводот се битни методологијата и техничкото одвивање на оваа обемна, значајна статистичка операција за да се спроведе успешно.

– Пробниот попис е исклучиво наменет за потребите на Државниот завод за статистика и нема да се објавуваат податоци. Не не интересираат бројките, туку техниката на прибирањето на податоците: колку се разбирливи прашањата за населението и колку време им е потребно на попишувачите за операцијата, како и методолошките аспекти – вели Ѓорѓиева.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...