Секое наше постизборно време е време за честење, што не би било лошо кога оние кои честат, да честат од својот џеб; оние кои се честени, ним им е сеедно, дотолку повеќе што она што ќе го добијат – или можеби нема да го добијат – во некоја повисока смисла, од самиот почеток, ова е нивно време: некој чести за нов автомобил, друг за некакво сималакрумско импозантно здание, трет за вработување, четврт за не знам што… Единствено Павле Б. не ни нуди ништо; додуша, нѐ почести со оставка од пратеничката функција, поради „гревот што го стори во свое име“, а не во наше, гревот што го стори за своја сметка и на своја штета.
Е сега, сите знаеме (ако знаеме?) дека судската власт не се избира и не се менува на избори (како извршната и законодавната), или, со други зборови, нормалните граѓани кои некако љубат да мислат дека судството нешто им должи, а со право „случајот Павле“ е прилично голем скандал, сакаат да видат што имаат и колку од скандалот на Павле Б имаат. Ќе биде како што ќе се пресуди, па вие видете. Е сега, да не бидеме толку наивни, па да се прашаме зошто толку многу недоквакани билмези, без достоинствена причина, за малку не го заклаа Павле Б., па имаше разни коментари: „мора да е педер“; „тежок наркоман, мајку му, комуњара“; „и-ју (!), засрамота, кој е тој да го гази народниот морал“, и на тоа слично.
Имено, може Павле Б. да добие казна, ама сигурен сум дека нема да ја добие вистинската праведна сатисфакција, затоа што таквото изживување и дерење е производ на „чисто лична“ и приватна работа, а од друга страна е лудо насилство изникнато од затворениот и социопатски ум.
Јавен линч
На сите ви е познат случајот, младиот Павле Богоевски, признат и угледен граѓански активист, тешко повреден во една бесмислена фашистичка оргија од реторичко насилство, насреде „бел ден“, во скопската медиумска престолнина, на линија која нѐ насочува дека нашето место е во Европа, можете ли тоа да го замислите?
Овој млад човек, за кого не може да се каже ништо лошо, освен што е беспрекорен јавен борец за човековите права, па поради природата на јавниот линч, ете, засега, нема да може да ја работи својата работа затоа што згрешил, затоа што ја признал својата вина и затоа што како фер и одговорен човек си поднел оставка. Така стојат работите, и тоа нема да се промени, затоа што времето не може да се врати во онаа состојба пред да го нападнат човекот.
Од друга страна, во оваа земја се случуваат „постизборни дарувања“, некој добива финансиска помош, како ветување дека ќе добие постојано вработување штом малку се опорави. Реков „ветување“? Да, време е на постизборни дарувања, кои лесно се даваат и уште полесно се трошат, ама на оваа работа вреди да се насочи вниманието и да се следи во иднина.
Знаејќи го овдешниот гаден табиет – и тоа не се однесува за оние кои се најлоши околу нас, туку и оние „будните“, малограѓански критизери – ми велат, „Павле ќе го претумбаат на друго место, ич да не му ја мислиш“, па уште ми велат, „јебеш Павле, гледај се себе“. Па добро, и тоа би можело да биде сосема точно – на едно ниво од реалноста. Aма тоа ниво во овој случај е најмалку важно и најмалку релевантно.
Поминаа изборите (да не ебат изборите!), а Павле треба да живее и после избори! Ако, пак, некој така треба да собира политички поени – па, нека ги собере, брате, за сите пари! На кого тоа му е гајле?! Најважната од сите работи на овој свет е тоа што претставува суштински интерес: млад човек кој со ништо не предизвикал да му се случи тоа што му случи (му ја пукнаа удбашката бомба директно в глава), а му се случи во јавниот простор, простор за кој сите ние сме одговорни како граѓани, па си поднесе оставка, и повеќе ниту час или ден не смее повеќе да трпи штета која некако – се надевам – може да се поправи, исправи, поништи.
Павлевата несреќа
На оној што се грижи за метафорите, „Павлевата несреќа“ ќе му каже многу повеќе за времето и просторот во кој сите ние живееме и го исполнуваме со нашата (бе)смисла.
Тоа нешто што „ја откочи“ бомбата во суратот на Павле Б. е бомба на дегенерик, оргијаш што припаѓа на онаа сорта која се нарекува ништожник; таквиот е нашата „вредност“ во нашите мизерни животи – а ни се наметна затоа што ние му дозволивме; дали тој бил „таксист“, кондуктер или гроф, маркиз, сосема сеедно. Ние, само колку да се знае, тоа го дозволивме.
И внатре и надвор од контекстот на било која „приказна“ – политичка, изборна, социјална – нема ништо што од оваа смее и може да биде поважно. Внимавајте што сѐ во иднина ќе се случува со тоа момче, Павле Богоевски, ама исто така треба да внимавате и на неговиот напаѓач, и ќе знаете точно каде и со кого живеете.