Сулејман Реџепи не е на иста страна со Владата, ама седи лево од Заев (ФОТО)

729

Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи, синоќа седеше лево од премиерот Зоран Заев на ифтарската вечера што претседателот на Владата ја организираше по повод Светиот месец Рамазан.

Пред околу еден месец кога во ИВЗ упадна финансиска полиција за да го провери нејзиното работење, поглаварот Реџепи изјави:

– Од вечерва не сме повеќе на иста страна со оваа Влада. Ова лошо нема никогаш да им го заборавиме.

Потоа следуваше серија на говор на омраза од страна на поглаварот, како и закани дека имал „бомба“ за Заев и дека кога-тогаш ќе ја употребел.

За судијката која ја донела одлуката Бузаку да биде нов поглавар искажа скандалозна изјава за што Обвинителството отвори предмет.

– Слушнав дека имала проблеми со здравјето. Не ја жалам, таквите нека починат – рече Реџепи.

Но, во име на празникот и возвишената духовна инспирација што тој ја носи, говорот на омраза е оставен на страна иако не е заборавен.

– Со секој ифтар, за време на Рамазанскиот пост, да ја споменеме и да ѝ дадеме сила и на нашата заедница, Република Северна Македонија. Една држава, едно општество на различни вери, кои меѓу себе живеат сложно и ја продолжуваат традицијата што ни е оставена да ја чуваме и да ја негуваме. Тоа е нашата цел. За нас, и за нашите деца. На тој пат сме сите заедно. Кога се прави еден таков духовен подвиг, тоа нѐ упатува и на фактот дека промените што сакаме да ги направиме почнуваат во срцето на секој верник одделно, а потоа со љубов се пренесуваат и во нашите заедници. Ова е празнично време. Ова се денови кога семејствата се собираат, пријателите заедничарат за време на ифтар. Затоа и вечерва сме заедно – рече Заев.

Премиерот Зоран Заев по повод Светиот месец Рамазан организираше ифтарска вечер на која присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, пратеници, поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, министри, градоначалници, ректори на државните универзитети, бизнисмени и претставници на граѓанските организации.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...