Денот по добивањето на најдобриот европски Извештај, во историјата на Македонија, за напорите за нејзино интегрирање во ЕУ, со јасна безусловна препорака за добивање датум за отворање на преговорите со Унијата, Зоран Заев беше изложен на цинични критики во Собранието на РСМ за ангажманот на некои негови советници за помош во тие интеграции.
И кој беше најгласниот критичар на Заев во Собранието? Г-динот Антонио Милошоски, „главом и брадом“, од сите можни пратеници!
Да се потсетиме дека односниот пратеник е еден од предводниците на тимот на Груевски кои имаа можност десет години да одработат за ваков Извештај на ЕК, но го работеа и го одработија токму спротивното. Последната година кога г. Милошоски беше дејствителен фактор во македонската власт, Македонија беше оценета како „заробена држава“ (и така натаму) од страна на Европската Унија.
Во таа смисла, би сакал да ги поканам, на скопска локација по избор, сите знаени и незнаени европски советници на г. Заев за да ги почестам по две-три пива со струмички кикирики, за одлично завршената работа за европската иднина на Македонија. Ќе го известиме и г. Милошоски да ни се придружи, а сериозната европска тема на која ќе дебатираме ќе биде: „Ако пиењето ти пречи на работата – батали работа!“… што велеше еден познат скопски кафеџија.
Знаеме, Милошоски нема да може да дојде, бидејќи ем не пие, ем многу работи, оти е дел од тимот за преговори на неговата партија за судбината на СЈО. Осомничен за извршен криминал токму од страна на СЈО, сега тој, замислете, истиот ден кога го критикуваше Заев за тимот кој му помага во неговата европска политика, ни толкува што и каква треба да биде иднината на ова Обвинителство. И, според неговите ставови, Катица Јанева не само што би требала да биде „укината“, туку веднаш да биде и обвинета за злоупотреба на својата службена положба, бидејќи со наводно кршење на законот се дрзнала вон рокот и надлежноста да покрене обвинувања какво што е она за него – кое, инаку, по содржината не е спорно да биде предмет на судски процес.
Ова навистина го има само во Македонија: Трајко Вељаноски, осомничен за инспирација и организација на активности во врска со тероризам, претседава со актуелната собраниска Комисија за надзор на работата на тајните служби… Осомничени и обвинети од СЈО водат преговори за реформи на ТОА обвинителство… Пратенички правно-политички олупини тераат високопарни моралистички дебати за оставката на Павле Богоевски… Советниците на Груевски се нудат и прифаќаат ангажмани за советнички места и кај Заев… А „метлата“ на Заев најмногу ја исмеваат оние кои би требало да се фатат за лопати за да ги зачистат сопствените Авгиеви кадровски штали.
Карванот врви, кучињата лаат и секојдневно си гризат недолжни граѓани.
Проблемот со овој вид на квази-политички „карвани“ е што добар дел од јавноста, вклучувајќи ги и медиумите, со тек на време „затапуваат“, се навикнуваат на ваквите појави и речиси и да не прават разлика помеѓу содржината, целта, обемот или моралните аспекти на разни употреби и злоупотреби во власта. На пример, во последните две години на режимот на Фамилијата се ОБЈАВИЈА договорите на таа владејачка структура со американски и други лобистички компании, тешки речиси МИЛИОН долари – за кои, патем, никогаш не се докажа од каде се платени тие пари – со кои се купуваше симпатијата по светските метрополи за владеењето на Груевски. И тоа Милошоски сака да го прошверцува како да е исто, кога го обвинува Заев дека за илјада евра „народни пари“ месечно плаќал некаков советник чиешто окружување, наводно, заради тоа го фалело премиерот во колумни и по телевизиски емисии?!
Па, кај Грујо такви на платен советнички список имаше не еден-двајца, туку 70-80, кои наутро ни чевли не би обуле за 500 евра месечно! Плус индустријата за лаги и клевети на Мартин Протуѓер која, фала на прашање, и денеска троши стотици илјади евра годишно, иако ни имињата не им ги знаете.
Еве, за проверка: знае ли НЕКОЈ во пошироката јавност како се вика, кој е, што е, од каде е главниот уредник на порталот „Курир“, на пример? Не е ли крајно време, со помош на „истражувачко новинарство“, да ги запознаеме тие тишлери и конобари во овие медиуми, како што секој ден ја гледате мојата ококорена фотографија со мојот потпис под овие коментари? Може ли тие еднаш да прифатат дебата во некој медиум, за што било, да се соочиме, јавно да им ги поднаместиме малку „ребрата“ и „вилиците“, барем како што г. Милошоски презема ризик да ги брани своите ставови, по цена и да му ги извлечеме „ушите“?
Од реалноста не треба да се бега. Ама лошо е и да се забега.
Извор: Цивил медиа