Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека е потребно да се направи целосна ревизија на позитивната листа на лекови за што треба да се почека да биде донесен новиот закон, кој е во собраниска процедура. Одговарајќи на пратеничко прашање, Филипче кажа дека исто така се работи на намалување на цените на стотина лекови, што биле зголемени појаснувајќи зошто се случува тоа.
Според министерот, најевтините лекови треба да се тргнат од позитивната листа, а со дополнителни средства да се обезбеди нова и иновативна терапија за пациентите. Се согласува дека има недостатоци во системот за снабдување со лекови, а тоа би се променило со зголемување на средствата за оваа намена и со воведување на нов систем за следење на лековите од влез во земјата односно аптеките до негово издавање.
Филипче информираше дека се започнати повеќе физибилити студии за јавно-приватно партнерество и оти една постапка е веќе во тек.
– Тоа е моделот на стерилизација со тоа што за сите хируршки институции во нашата земја сакаме да обезбедиме нови инструменти, современ начин на стерилизација на вешот, соодветно третирање на медицинскиот отпад и соодветно чистење на операционите сали. Таа инвестиција, според проценката од физибилити студијата, би требало да изнесува околу 15 милиони евра, околу 30 отсто во првата и останатиот дел во втората година. На се ова што го напоменав обврска би била на приватниот партнер, а државата ќе има обврска да ги контролира како ги извршуваат и да го преземе плаќањето – рече Филипче.
Започната е физибилити студија за приватно-јавно партнерство во сферата на ин витро оплодувањето.
– Ин витро одделот на ГАК остана без експерти со навистина мали резултати во своето работење. Тоа што сакаме да го постигнеме е да привлечеме приватен инвеститор кој би инвестирал во ГАК, според наши критериуми да донесе експерти со соодветно искуство, да се реновира тој дел од болницата согласно европските стандарди и да работат и напшите лекари кои дополнително ќе се едуцираат и ќе го надградуваат своето знаење – рече министерот за здравство.
Во однос на физибилити студијата за брзата помош, Филипче смета дека е потребна широка дебата, бидејќи има различни модели.
Филипче рече дека и кадарот во здравствените институции може да биде дел од моделот на јавното-приватно партнерство.
– Посебно што во нашите критериуми и тоа што го бараме од потенцијален инвеститор, може да биде критериум и кадарот и типот на специјалност, медицинска сестра, докторот и да го решиме проблемот со одливот на кадри, посебно како што е брзата помош – рече Филипче.