По 75 години нова зграда на училиштето „Вера Јоциќ“

237

Во населбата Хиподром во општина Гази Баба денеска беше пуштен во употреба нов објект на основното училиште „Вера Јоциќ“, што ги заменува старите и дотраени бараки каде што учат околу 550 ученици. Изграден е на површина од 2.125 квадратни метри, со приземје, кат, подрум, 12 училници, шест кабинети, просторија за наставници и библиотека.  Објектот е енергетски ефикасен и обезбедува современи услови за настава со капацитет за 600 ученици.

Премиерот Зоран Заев при посетата изјави дека објектот „Вера Јоциќ“ е меѓу четирите нови основни училишта изградени во последниов период, а дека покрај нив се градат уште две нови и се реконструираат осум стари основни училишта.

– Тоа значи дека повеќе од 4,500 деца од основното образование следната учебна година ќе ја почнат во нови објекти и во нови училишни клупи. Драго ми е што  бараките овде, кои беа стари повеќе од 40 години, конечно се заменети со овој прекрасен простор. Со овие капитални инвестиции ги подобруваме условите во образованието, паралелно инвестираме и во училишните спортски сали – рече Заев, нагласувајќи дека реформите во образованието се меѓу врвните владини приоритети.

Министерот за образование Арбер Адеми соопшти дека нвестицијата за изградба на ОУ „Вера Јоциќ“ е  околу 60 милиони денари, од кои 55 милиони се за објектот, а останатите средства се вложени во опремување со инвентар. Наскоро, рече, ќе биде ставен камен-темелник и за изградба на спортска сала во склоп на училиштето.

Градоначалникот на општината Гази Баба Борис Георгиевски искажа задоволство што по 75 години постоење ова училиште добива нов објект изграден по современи стандарди. Рече дека Општината работи на подобрување на условите за настава во сите 11 основни училишта на нејзина територија.

Во изминатата една и пол година од мандатот, рече, повеќе од 17 милиони денари намениле за капитални инвестиции во образованието, кои опфаќаат промена на прозорци, санитарни јазли, покриви…, набавка на смарт-табли, а на товар на Општината е и физичкото и патролно обезбедување во сите 11 основни училишта.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...