Антонио Милошоски, пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ денеска од собраниската говорница го потсети премиерот Зоран Заев дека на 2 јули лани изјавил дека Македонија добила датум за преговори и праша кој е тој што го излажал.
– Дали тогаш некој ве излажа и дали е тоа Меркел или Макрон или вашите соработници Бујар Османи и Никола Димитров. Или пак, дали Вие свесно или несвесно ја излажавте македонската јавност дека во 2018-та година Европскиот совет донел одлука Македонија да добие датум за преговори – праша пратеникот Милошоски.
Ако до вчера изговорот за недобивањето датум беше Атина, додаде Милошоски, сега ќе биде Тирана.
– Бидете искрен пред македонската јавност, цела година лажете дека сме добиле датум, а сега велите дека ќе добиеме наскоро поради околностите – рече Милошоски, кој му предложи на премиерот наместо советниците Александар Ружин и Љупчо Зафировски за конекциите со Франција да ја земе Илинка Митрева, поранешна министерка за надворешни работи.