Основното јавно обвинителство (ОЈО) ќе го разгледува ревизорскиот извештај на МЕПСО за 2016 бидејќи Владата во него забележала две спорни ситуации.
– Првата се однесува за купување на имот. Во 2011 МЕПСО добила понуда да купи имот од 2.178 квадратни метри по цена од 3,7 милиони евра. МЕПСО ја одбива таа понуда, а две години подоцна друго правно лице го продава на МЕПСО за цена од 4,8 милиони евра – рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Втората информација, посочи тој, се однесува од времето на двоење на Електростопанство на Македонија, кога дел од мрежата во сопственост на МЕПСО не бил впишан во катастар како дел од имотот на компанијата.
– Овие објекти ЕВН ги има издадено под закуп и има земено хипотекарен кредит. Во ревизорскиот извештај е наведено дека оваа ситуација мора да се расчисти, односно дека имотот е во сопственост на државата – изјави Бошњаковски.
Прашан за кое раководно лице во МЕПСО станува збор, тој рече дека се работи за 2016 година, но точните имиња не ги знае.
Одлуката извештајот да биде испратен до ОЈО ја донесе Владата на вчерашната седница.