За одредување датум за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ ја очекуваме подршката и од Француската Република, нагласил претседателот на државата Стево Пендаровски на средбата со францускиот амбасадор Кристиан Тимоние.
На средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Франција, како и информации за актуелните состојби во двете држави, и за случувањата во регионот.
– Пендаровски изрази задоволство од развојот на соработката меѓу двете држави, што се карактеризираат со пријателство и меѓусебна доверба. Претседателот истакна дека Република Северна Македонија во Француската Република гледа искрен пријател и сојузник во остварувањето на стратешките цели. По вчерашното објавување на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2019 година, Пендаровски изрази очекување дека Европскиот совет, согласно препораката на Европската Комисија, ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство – се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.