Ацо Петровски: Кога ќе нѐ видат дека се движиме, не ни веруваат дека сме болни од мултиплекс склероза

897

Кога ќе нѐ видат дека се движиме, не ни веруваат дека сме болни од мултиплекс склероза. Лекувањето на Клиниката за неврологија не е како што беше порано, се подобрија условите, но може уште подобро да биде за нас пациентите. Вработен сум во јавно претпијатие и за жал, не наидувам на разбирање кај работодавачите, ми правеа проблеми, ама јас не кревам раце, туку се борам. Извесно подобрување на состојбата имам и откако редовно почнав да одам во бања во Србија, рече Ацо Петровски од Скопје по повод одбележувањето на Светскиот ден на мултиплекс склероза – 30 мај.

Околу 1.500 лица во земјава се болни од мултиплекс склероза, додека во светот има повеќе од 2,3 милиони болни, но и стотици илјади недијагностицирани. Жените страдаат два-три пати почесто од мажите.

Скопјанка на околу 50-годишна возраст раскажа:

– Мене болеста ми ја открија за една недела, но има пациенти кај кои со години не успева да се постави точната дијагноза. На една скопјанка лекарите цели 9 години не ѝ дијагностицираа мултиплекс. На крајот, кога почнаа проблемите и со движењето, се посомневаа дека можеби е тоа.

На Клиниката за неврологија вкупно 491 пациент се на терапија од првата линија лекови.

– Кај дел од пациентите има брза прогресија на болеста и тие уште од почетокот се со  инвалидитет. За првпат лани воведовме и терапија со моноклонални антитела, а буџетот ни беше зголемен за 36 отсто. Нашата установа треба почесто да биде вклучена во клинички студии. Кај пациентите треба да се зголемува и свеста за редовно земање на препишаните лекови, бидејќи дури 8,5 отсто дел од пациентите не ја примаат редовно терапијата – рече д-р Иван Барбов, директор на Клиниката.

Лани биле вклучени 13 пациенти на терапија со лекот „окрелимаб“, а годинава уште 43 треба да се лекуваат со овој препарат, кој е втора линија на терапијата.

Ана Карајанова Димитрушева, претседателка на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултиплекс склероза, истакна дека и покрај напредокот треба да се унапредува грижата кон лицата со МС, во однос на навремена дијагностика, соодветен и современ третман преку зголемување на достапноста на високоефикасните и иновативни лекови.

Директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, изјави дека се зголемуваат средствата за нова и поефикасна терапија за овие пациенти, односно 51 милион денари се одделени за набавка на два нови иновативни лека за третман на болеста.

– Лековите за овие пациенти ќе поевтинат, за разлика од претходните години, па ќе може да се набават повеќе лекови. Како никогаш досега, Фондот излегува во пресрет на барањата – порача Дончев.

За жал, причината за оваа болест сѐ уште не е откриена и досега не постои лек со кој би се излекувала, постојат само лекови кои можат да им помогнат на овие лица да ја стават болеста под контрола, како и за подобрување на симптомите. Тоа е едно од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки во мозокот, рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и дегенерација што води до прекин на преносот на сигналот од една нервна клетка до друга.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...