Не одат во добар правец преговорите, изјави премиерот Зоран Заев за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и судбината на СЈО. Тој вели дека нерешавањето на ова прашање, може да биде изговор некои земји членки на ЕУ да спротивстават на одлуката за доделување датум за преговори и затоа апелира што побрзо да се постигне договор.
– Не би сакал јас како премиер и ние како држава воопшто да оставиме каков било аргумент на земјите членки кои се застапени преку премиерите на Европскиот совет или преку министрите за надворешни работи на ГАК кои одлучуваат за прифаќање на препораката за почеток и добивање датум за преговори заради нерешавање на ова прашање – истакна премиерот.
Последните чекори, според Заев, биле успешни за на крајот власта да добие сосема нови предлози кои, како што рече, ги враќаат буквално да седнат и да пишуваат нов закон.
– Ова не е решение и затоа апелирам на одговорност заради тоа што дефинитивно големите суштински работи се решени. Верувам дека останаа само политичките. Подготвен сум ако се решат до крај суштинските прашања да седнам на лидерска средба и да ги дефинираме политичките работи. Убаво би било пред да се одржи тој министерски совет и ова прашање да биде решено или барем да испратиме изјава дека сме се договориле. Ако не друго за да не им даваме аргумент да не го одредат датумот за почеток на преговори – рече Заев во одговор на новинарски прашања.