Донесовме јасни и недвосмислени законски решенија со коишто се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилство. Ја ратификувавме Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, така наречената Истанбулска конвенција. Ги унапредуваме сите потребни услуги за поддршка и заштита на жените жртви на насилство. Кога жените губат – сите губиме, рече Зорица Заева на конференцијата во Букурешт за „Улогата на жените во модерното општество – помеѓу јакнење, лидерство и родовата дискриминација“.
Заева на конференцијата е на покана на романската премиерка Виорица Данчила, а во рамки на претседавањето на Романија со Советот на ЕУ.
– Девојките и жените имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции. Нема никаква причина да биде поинаку. Намалувањето на родовиот јаз во платите, на макроекономско ниво, може да придонесе за поголем економски раст. Затоа треба да биде јасно: Економското зајакнување е одговорот на многу од прашањата со кои се соочуваат девојките и жените – рече Заева.