Коди Ли е 22-годишен музички талент од САД кој во популарното шоу „Америка има талент” ги освои и публиката и жирито, на чело со строгиот Сајмон Кауел. Коди тоа го постигна со својата изведба, но и со решителноста да ги добие своите „пет минути слава“, без оглед на пречките, односно неговата комбинирана попречност.
Имено, тој е лице со аутизам и со целосно оштетен вид, а на сцената застана о придружба на неговата мајка Тина. Потоа тој ја отсвири и отпеа песната „A Song For You”, со која сите ги крена на нозе.
– Ова беше извонредно, навистина извонредно. Јас не знам како е да се биде во светот на Коди… Но, момче, твојот глас е фантастичен, имаш прекрасен тон. Ќе го помнам ова цел живот – гласеше оценката на Кауел.
Новата членка на жирито, Габриела Јунион ѝ оддаде почит и на неговата мајка.
– И јас скоро станав мајка. Затоа знам дека на своето дете му посакуваш и ѕвезди и виножита. А, вечерва јас ќе ви дадам нешто посебно – рече музичкиот експерт по што го притисна специјалното „златно копче“, што го праќа Коди директно во емисијата во живо.
Неговиот настап на Јутјуб веќе има над 10 милиони прегледи.
ФОТО: Принтскрин / Јутјуб