Регулаторите во земјава мизерно потфрлија, рече на денешниот завршен настан од мониторингот врз АЕК и АВМУ, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Тој говореше дека членови на Советот на Агенцијата и на комисијата на АЕК и на програмскиот совет на МРТВ, се поранешни партиски функционери и се во роднински врски.
-Имаме разни видови конфликт на интереси. Затоа влеговме во процес независни професионалци, експерти да бидат членови на овие тела. Ние политичарите и политичките партии да ги тргнеме рацете од независните регулаторни тела, рече Манчевски.
Министерот Манчевски претстави дел од измените во Законот за АВМУ, кои се однесуваат на работата на Агенцијата.
-Да не го игнорираме големиот бел слон во собата, и да заборавиме дека голем дел од членовите на Советот и на АВМУ и МРТВ се партиски членови, и со тоа дел од проблемот, нотиран во сите релевантни извештаи. Крајно време е партиите да се тргнат од регулаторните тела. Тоа се предвидува со измените во Законот. Членовите ќе се избираат јавно и транспарентно, граѓаните ќе бидат запознаени со нивните кандидатури, и Собраните ќе биде принудено да ги избере најпрофесионалните кандидати- посочи министерот Манчевски.
Во врска со укинувањето на радиодифузната такса, министерот рече дека се работи за нов пристап, со што се обезбедува стабилно и предвидливо финансирање на јавниот радиодифузен сервис.
– Реформите во медиумите треба да произлегуваат од медиумските здруженија и граѓанските организации. Соработката е важна за зголемување на довербата, но и за информирање на граѓаните за работата на институциите без за тоа да се потрошат многу пари за скапи реклами- истакна министерот Манчевски.