Европската комисија вчера го објави својот годишен извештај за напредокот на кандидатите за членство во ЕУ во исполнувањето на стандардите на Унијата.
Следуваат седумте земји – аспиранти за членство.
Албанија
Аплицираше за членство во 2009 година и доби статус на кандидат во 2014 година. Во април 2018 година, Европската комисија препорача Унијата да започне разговори за пристапување. Земјите-членки на ЕУ се согласија со таа препорака, под услов Тирана прво да напредува во клучните реформи.
Вчера, Еврокомисијата соопшти дека е постигнат доволен напредок, особено во сферата на судските реформи, повторувајќи ја препораката дека преговори треба да почнат. Топката сега е кај Советот на ЕУ, чии членки за ова прашање треба да разговараат во јуни, но би можеле да ја одложат одлуката за неколку месеци.
Босна и Херцеговина
Аплицираше за членство во 2016 година, но првично беше стопирана поради длабоко вкоренети структурни проблеми и проблеми со владеењето на правото, што делумно се должи на неефикасната администрација поделена по етничка линија која беше формирана во 1995 година за да се стави крај на војната.
Европската комисија вчера го усвои мислењето за кандидатскиот статус на БиХ, оценето како „пресвртница”. Разговорите треба да започнат откако Сараево ќе постигне доволно напредок во исполнувањето на критериумите на ЕУ, се вели во извештајот, наведувајќи 14 клучни критериуми во областите, вклучувајќи ги демократијата, владеењето на правото и основните човекови права.
Косово
Пет земји-членки на ЕУ не ја признаваат независноста на покраината отцепена од Србија, со што членството во ЕУ е далечна перспектива. И покрај тоа, Косово и ЕУ постигнаа договор за поблиски врски, делумно како награда за напредокот на Приштина во нормализирањето на односите со Србија.
Сепак, тензиите се зголемија во последниве месеци, кога Приштина воведе 100 отсто такси на увозот за српските производи. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини вчера ги повика двете страни да се вратат на преговарачката маса.
Македонија
Земјата, која аплицираше за членство во ЕУ во 2004 година, направи огромни чекори во текот на изминатата година, решавајќи го спорот за името со својот јужен сосед, членката на ЕУ – Грција. Како резултат на тоа, комисијата вчера препорача дека Унијата треба да ги почитува ветувањата и да почне преговори за членство со Скопје.
Топката сега е кај Советот на ЕУ, каде земјите-членки треба да разговараат за ова прашање во јуни, но би можеле да ја одложат одлуката за неколку месеци.
Црна Гора
Аплицираше за членство во 2008 година, доби статус на кандидат во 2010 година и започна преговори за пристапување во 2012 година. Земјата се смета дека е најблизу до членство во ЕУ, која отвори 32 од 35 преговарачки поглавја, кои овозможуваат усогласеност со стандардите на Унијата.
Црна Гора постигна мал напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал во текот на изминатата година, а потребни се повеќе напори во областа на фундаменталните права, објави вчера Еврокомисијата. Исто така, во извештајот се нотира дека довербата во изборната рамка е мала и дека на политичката сцена нема вистински дијалог.
Србија
Аплицираше за членство во 2009 година, доби статус на земја-кандидат во 2012 година и започна преговори за пристапување во 2014 година, по напредокот кој го постигна во обновата на односите со својата поранешна покраина Косово. Србија, исто така, се планира за следната рунда проширување на ЕУ, заедно со Црна Гора.
Во изминатата година, Белград постигна ограничен напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал, додека мерките за почитување на фундаменталните права се широко спроведени, соопшти вчера Еврокомисијата. Но, во извештајот изрази „сериозна загриженост” околу слободата на изразувањето, додека препораките за судството се делумно спроведени.
Како и Косово, Србија беше предупредена дека се потребни „суштински“ напори за целосно нормализирање на врските со Косово, со цел да напредуваат кон членство во ЕУ.
Турција
Аплицираше за членство во 1987 година, беше прогласена за подобна во 1997 година и започна преговори за приклучување во 2005 година. На почетокот на 2016 година, ЕУ вети дека ќе ги заживее слабите преговори, за возврат за помошта на Анкара во справувањето со миграциските бранови кон Европа. Меѓутоа, односите ЕУ-Турција се влошија по обидот за државен удар во јули 2016 година во Турција, по што следуваше масновно казнување, при што земјата назадуваше во однос на клучните критериуми на ЕУ во врска со владеењето на правото, правата на граѓаните и слободата на медиумите.
Двете страни не успеаја да постигнат напредок во подобрувањето на односите за време на разговорите на високо ниво во Брисел во март.
Турција „и натаму се оддалечува од ЕУ”, заклучи вчера Еврокомисијата, додавајќи дека преговорите за членство „ефективно стасаа до застој“”.