Оф-фест ќе прослави полнолетство со одличен избор од светска музика

Може да се каже дека ѕвезда на ова 18.издание на Оф-фест е Фатумата Дијавара, иако, на организаторите, како што откри Оливер Белопета, омилена вечер од годинешното издание ќе биде претпоследната, онаа на 7.јуни

383

Програмата за годинешното издание на Оф-фест е од оние после кои, како што вели Оливер Белопета, „ќе се прашуваме како ќе го направиме следното“. Со концепт каде носители се велшката харфистка Финч и сенегалскиот кора мајстор Кеита, Крсте Роџевски со неговите њујоршки пријатели, големата пејачка ѕвезда Фатумата Дијавара, Басеку Кујате и НГОНИ БАН, либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза, колумбијците ROMPERAYO, SONDORGO, еден од водечките претставници на тамбурашката музика во Унгарија, но и нашиот виртуоз на труба Џамбо Агушев со својот оркестар, 18. издание на Оффест ќе се одржи од 3 до 8 јуни. .

Во овој период, на неколку сцени во Скопје, Македонска опера и балет, Младински културен центар и клуб „Епицентар“, кадешто ќе биде и завршницата на ова издание со ди-џеј сетот на Daddy G од MASSIVE ATTACK, кој својата кариера и ја започнал како диџеј, ќе видиме богата програма, од африканска, европска, колумбиска, до балканска, но и интересно вкрстување на стилови, музичари и инструменти.

 Катрин Финч од Велс која ја сметаат за кралица на харфата и најдобра харфистка на сериозната музика во светот и синегалскиот кора мајстор Секу Кеита в понеделник во МОБ ќе го отворат фестивалот во МОБ.
Во рамките на Оф-фест ќе можеме за првпат кај нас да го видиме македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк, а своите почетоци ги бележи во 90-те години во Битола. Зад себе има три албуми, а последниот е оценет како еден од најдобрите.

В рамките на фестивалот, во вторник во киното „Фросина“, традиционално, ќе може да погледнеме и еден релативно нов документарен филм, „Mali Blues“. Филмот, како што рече Белопета, ја прикажува сегашната состојба во Мали, од безбедносен и политички аспект и борбата на музичарите за слобода…

Она што организаторите го најавија како своја омилена вечер, на 7.јуни, е проектот „Љубов и одмазда“ (Love and Revenge) на либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза. Во проектот се користат египетските и арапски филмови од најславниот период на таа кинематографија, со многу електроника и танц. Истата вечер концерт ќе има и групата „Ромпарео“ од Колумбија. За сабота е најавена завршната журка во клубот „Епицентар“ која почнува после полноќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...