Ги јадеме секогаш кога сакаме да се освежиме и засладиме, но не сме свесни дека јагодите и црешите треба да се јадат во одредено време од денот. И во ограничени количини – само онолку колку што ќе ни собере дланката.
По содржината на витаминот Ц од јагодите може да му парира лимонот, бидејќи во 100 грама сочни плодови има дури 60 милиграми од вредниот витамин. Тие позитивно влијаат на имунитетот, бидејќи содржат биоактивни супстанции полифеноли, силни антиоксиданти. Особено се препорачуваат за децата и возрасните кои страдаат од анемија. Богати се и со фолна киселина, витамин Е, провитамин А, витамините од Б-групата, како и со минералите, како што се манган, железо, калциум и магнезиум.
Но, и покрај сите бенефиции, треба да бидете внимателни. Јагодите не можат да ги јадат сите, кога ќе посакаат или во кое било време кога ќе посакаат. Иако се вкусни и се вистински спас во врелите денови, јагодите имаат свои барања. Пред сè, не им се даваат на децата на возраст под една година и нивното воведување во исхраната на детето мора да биде постепено, со цел да не предизвикаат алергии кои најчесто се манифестира преку осип, течење на носот, отежнато дишење и дигестивниот систем.
И тоа не е сè. Не се препорачуваат ниту за луѓето кои имаат проблеми со вишокот на телесната тежина или зголемени вредности на холестерол и триглицериди во крвта. Само ако ги немате овие здравствени проблеми, треба да ги воведете овие црвени бобинки во вашата исхрана. Но, во умерени количини.
Овошје кое хемиски најмногу се третира
Јагодите се многу подложни на расипување па треба да се купуваат во помали количини и да не се чуваат на собна температура подолго од еден или два дена. При нивното миење, треба да водите сметка да не ги оштетите плодовите. Имајќи предвид дека спаѓаат меѓу плодовите кои во процесот на одгледување најмногу хемиски се третирани, приоритет треба да им се даде на оние од органско земјоделство.
– Доволно е да се консумираат само два или три пати неделно, и тоа помеѓу 17 и 19 часот. Задолжително без додаток на шеќер. И тоа само онолку колку што може да ви собере дланката – објаснува Мирјана Батеркап, нутриционист во Центарот за превентивна медицина и исхрана доктор Грифинг.
– Ние забораваме дека и овошјето е слатка, бидејќи тоа не само што содржи овошен шеќер фруктоза, но исто така и други различни видови на шеќер, дури и повеќе од чоколадата – објаснува.
Истата мерка се однесува и на црешите. Покрај тоа што изобилуваат со витамин Ц и бета-каротен, витамини К и Б6, фолна киселина и минералите – калиум, железо, бакар, манган, калциум, магнезиум, кобалт, фосфор и цинк, не треба да претерувате.
Слатките плодови на ова овошје се богати со растителни влакна, кои се неопходни за правилно варење, а присуството на целулоза во нив го регулира варењето на храната. Флавоноидите антоцијаниди и проантоцијанидини во нив ги блокираат воспалителните процеси, ги ублажуваат болките и симптомите на алергии и астма. Тие се богат извор на бор, кој во комбинација со калциумот и магнезиумот позитивно влијаат на здравјето на коските. Позрелите плодови со темна боја поседуваат повисока концентрација на антоцијани и имаат повисок антианемичен ефект. Црешите, исто така, ќе ви помогнат и да се релаксирате и полесно да заспиете затоа што содржат мелатонин. Но, треба да знаете повеќе за ова овошје!
Коските на црешите содржат амигдалин-цијанид, кој има отровно дејство, така што на децата не треба да им дозволувате да ги голтаат. Непосредно пред јадењето, црешите добро измијте ги под млаз ладна вода.