Ова е свеченост која не собра, нас лидерите од неколку земји од регионот Западен Балкан за да прославиме еден голем потфат за Косово и за регионот – пуштањето во сообраќај на автопатот „Арбен Џафери“, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на отворањето на автопатот Р6 „Арбен Џафери“.
– Оваа модерна автопатска артерија од денеска станува дел од системот автопати што го прави нашиот регион поврзан, близок, пријателски. Автопат кој ќе ја забрза динамиката на односите меѓу граѓаните, меѓу бизнис заедницата од повеќе земји од овој наш регион. Сакам да им честитам на сите косовски лидери, на јавните претпријатија и на приватните компании, на инвеститорите и на сите останати поддржувачи на овој исклучително значаен инфраструктурен проект. Дозволете ми да кажам дека овој ваш потфат, го сметаме и за наш и ние во Северна Македонија. Автопатот „Арбен Џафери“ е награда за трпеливоста и за бројните и значајни врски што Косово ги има со Република Северна Македонија на секој план 0- рече Заев.
Тој додаде дека автопатот од денеска ќе стане сообраќајницата која ќе овозможи најсовремен, најбрз и најбезбеден проток на стотици илјади автомобили, граѓани и на други транспортни средства кои обезбедуваат Косово да биде меѓу топ 20-те земји со највисок обем на трговска размена со Република Северна Македонија, вредна повеќе од 500 милиони евра.
Косово и Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка во областа на интегрирано управување на границите меѓу двете земји којшто овозможува побрза размена на информации, кои ќе овозможат побрзо движење на патниците и стоките на граничните премини. Инфраструктурното поврзување во голема мерка ќе ја забрза севкупната европеизација на регионот.
– Автопатот што денеска се пушта во употреба го носи името на големиот Арбен Џафери, еден од најистакнатите ликови од независноста на нашата земја. Еден од оние истакнати личности кои дадоа голем придонес регионот да биде поврзан и единствен, составен од суверени земји кои меѓусебно се респектираат и го делат минатото во име на заедничката европска иднина. Автопатот што денеска се пушта во употреба ќе биде силна мотивација и за нас да ги забрзаме подготовките за старт на работите на автопатот Блаце – Скопје – рече премиерот Заев.
Тој информира дека деновиве и кај нас се распишува тендерот на автопатот од 14 километри, вреден 120 милиони евра којшто е од границата меѓу Северна Македонија и Косово, до главниот град на нашата земја, Скопје. Така ќе се заокружи автопатското поврзување меѓу Скопје и Приштина и патувањето меѓу овие два града ќе трае само 45 минути.