Не знам што ќе правам после октомври, но ве уверувам дека што и да правам ќе останам посветен на заложбите за напредок на Западен Балкан. Кога сте инвестирале не само време и енергија, мислам дека има смисла да продолжите со цел да има натамошен позитивен успех во иднина, рече еврокомесарот Јоханес Хан на денешната презентација на извештаите за напредокот на земјите аспирантки за членство во ЕУ.
– Зеленото светло за почеток на преговори за Албанија и за Северна Македонија е најдобар аргумент за другите да се ангажираат во дијалог кој не е лесен за ниедна страна. Ако не дадеме добар пример со отворање на преговорите со Албанија и со Северна Македонија тоа нема да биде стимулативно и мотивирачко за другите лидери кои се соочуваат со тешки теми – рече Хан.
Тој им се заблагодари на сите соработници, без кои, како што рече, не би го постигнале успехот што го постигнале, иако има уште многу да се работи.