Не сакаат да нѐ плашат со невреме, но бура сепак имало меѓу Дирекцијата и УХМР

Не можеме ништо да кажеме во однос на тоа како се подготвуваме за невремето што го најави ДЗС, додека не добиеме известување од УХМР. Ние секој ден се информираме, но засега не сме добиле никаква информација од Управата дека ќе има невреме во тој период. Не знам од каде им се информациите на Дирекцијата, дали од мобилен телефон - вели Надицa Вчкова од ДЗС.

1488
ФОТО: EPA / YANNIS KOLESIDIS

По синоќешниот аларм од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), која најави дека од 1. до 10. јуни се очекуваат поинтезивни врнежи од дожд, а во попладневните часови може да бидат поројни, повикувајќи се на известување на Weather4all.mk., се интересиравме како Центарот за управување со кризи се подготвува за најавеното невреме. Но, таму, сѐ уште не засветлил алармот.

– Не е во ред да создаваме паника, иако, знаеме дека со природата нема играње. Не можеме ништо да кажеме во однос на тоа како се подготвуваме за невремето што го најави ДЗС, додека не добиеме известување од УХМР. Ние секој ден се информираме, но засега не сме добиле никаква информација од Управата дека ќе има невреме во тој период. Не знам од каде им се информациите на Дирекцијата – дали од мобилен  телефон, но, во секој случај, ако УХМР најави или прогнозира невреме со поголеми врнежи, ние од Центарот секако ќе излеземе со препораки за граѓаните и институциите. Сега-засега, рано е за препораки – изјави Надица Вчкова, портпаролка во Центарот за управување со кризи.

Според најавите, велат од ДЗС, се очекува за кратко време да наврнат од 5-10л/м2, а за десет дена се очекуваат над 100л/м2 воден талог. Оваа состојба се предвидува да трае до 15 јуни, а поради најавени високи температури не се исклучени и форми на невреме проследени со силен ветер и град.

Во Дирекцијата прашавме колку им е релевантен изворот на оваа прогноза и зошто за најавеното невреме и тоа за дури 10 дена во јуни, не се консултирани синоптичарите од УХМР, поради што, како што дознаваме, и тие реагирале денеска, еве што ни одговорија:

– Ние сме во одлична релација и соработка со УХМР за состојбата со времето и  секојдневно, како и досега, соработуваме со оваа институција, од каде денеска реагираа за најавата. Но паралелно со тоа, ги следиме и сателитските снимки од други метео станици и институции, кои се за оваа намена и навремено предупредување за невреме. Ние и пред две недели ги известивме граѓаните дека се подготвува невреме во регионот, што и се случи во Босна и Херцеговина и во Србија, односно се случи „Андреа“, но, за среќа, ја одмина Македонија. Имаме обврска и пракса навреме да ги известиме граѓаните за можни последици од поројни дождови. Да, тогаш нѐ одмина, но не значи дека и другпат ќе нѐ заобиколи. Ова од вчера е превентивно, а не да шириме паника. Тие количества на дожд кога се поројни, во кус период може да бидат многу опасни и за 10 до 20 минути да направат поплави – рече Оливера Петрушевска, раководителка на одделението за односи со јавноста во ДЗС.

Во врска со тоа која е оваа веб страна на која се повикуваат, Weather4all.mk., од дирекцијата ни признаа дека имало грешка.

– Настаната е печатна грешка – треба да стои „по претходно известување од метео сателитски снимки и станици“ без да се наведува изворот. Ние, повторувам, редовно соработуваме со УХМР – нагласи Петрушевска.

Дека е грешка, се уверивме и ние, но и неколкумина скопјани кои исто така ја провериле страницата Weather4all.mk., која воопшто не се отвора.

Еве што прогнозираат од УХМР за 1 јуни: Минимална температура: од 6 до 13 степени Целзиусови, а максимална температура од 21 до 27 степени. Претпладне сончево, попладне на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. За 2. јуни прогнозата е дека врнежите ќе се пообилни во западните делови.

На страната на УХМР сепак од денеска има предупредувачки аларм за невреме во почетокот на јуни.

ФОТО: EPA / YANNIS KOLESIDIS

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...