Мис Стон ги здружи планинарите, шест часа пеш во срцето на Огражден во нејзина чест (ГАЛЕРИЈА)

885

Планинари пешачеа шест часа низ планината Огражден по козјите патеки по кои била носена Мис Стон. Осмиот по ред планинарски марш „По патеките на Мис Стон“ беше во организација на Планинарско алпинистичкиот еколошки клуб „Маратон“ од Струмица. Стартот беше од кај браната Турија, преку месностите Јурукова колиба, Павлова ливада, Железен дол, до селото Нивичино. Патеката беше средно тешка, погодна за планинари од 7 до 77 години.

Претседателот на „Маратон“, Ѓорѓи K’рмзов, потсети дека Мис Елен Стон била американска протестантска мисионерка во Македонија. Работела во американското женско училиште во Самоков, а подоцна и во Пловдив. Американскиот совет за странски мисии, во 1898 година ја назначил за протестантски агитатор во Солун. Во тоа својство, во летото 1901 година, таа престојувала во градот Банско. Притоа и помагала Катерина Стефанова Цилка, родум од Банско.

– Протестантската мисионерка Елен Стон била грабната од четата на Јане Сандански на 21 август 1901 година, на патот меѓу Банско и Горна Џумаја. Меѓу борците на Македонската револуционерна организација, престојувала сѐ до месец февруари 1902 гоина, кога кај село Градошорци, струмичко, била ослободена. За нејзиниот откуп Македонската револуционерна организација добила 14.500 златни лири, кои првенствено биле употребени за купување оружје – раскажа тој.

Аферата Мис Стон извршила огромна афирмација на македонското револуционерно дело во меѓународната јавност и дипломатија. Елен Стон тврдела дека грабнувачите не биле разбојници, туку луѓе на Организацијата, која имала за цел да ја ослободи Македонија. Освен тоа, тие зборувале дека за време на заложништвото, цело време биле опколени со внимание и не биле лишени од ништо, особено за време на породувањето на Цилка.

– По враќањето во САД, Елен Стон ги популаризирала Македонската револуционерна организација и нејзините ослободителни цели. По нејзиното ослободување, јавноста таму разбрала дека нејзиното грабнување не било дело на разбојници, туку важна епизода од борбата за слобода и човечки права – додаде тој.

Селото Нивичино некогаш било живо, во училиштето до четврто одделение, се школувале и по осумдесетина ученици.

Сега е обраснато со треви и трње, непроодно, нема ништо друго освен останати камења од куќата за која се раскажува дека во неа била едно време чувана американската мисионерка.

– Интересни се кажувањата за Мис Стон и револуционерите за слобода кои се раскажуваат од генерација на генерација. Би било добро кога би имало можности да се направи нешто повеќе во таа насока, што е можно повеќе луѓе да ја слушнат оваа вистинска животна приказна. Да се направи обид да се привлечат туристи овде, со правење на споменик, објект, парк и слично – нагласи Миле Коцев.

Тој има 54 години, роден е во ова село, во домашни услови. Бил крстен во селската црква во чиј двор ручавме планинарско гравче. Неговото семејство се иселило кога тој имал 12 години. Сега живее во Струмица и повремено доаѓа, тука одгледува пчели.

Селото најчесто било посетувано од луѓе кои доаѓаат повремено како него, но и од планинарите. Црквата Свети Илија била напуштена, па обновена. Таткото на Миле е домаќин во оваа црква. Заеднички се ангажирале во возобновувањето на верскиот објект, враќање на одземената камбана, а донеле и вода.

По три декади, пред неколку години повторно започнало и славењето на селската слава. Слушнавме и верувања за тоа како луѓето доаѓајќи овде, си нашле лек за својата мака.

Селото Нивичино спаѓа во општина Василево. До селото сега има и шумски пат, но ние планинарите одбравме, до него да стасаме по козји патеки, кои планинарите ги маркирале за потребите на маршот, по патот од регионот по кој, според кажувањата, некогаш се движела групата револуционери, меѓу кои и грабнатата американска мисионерка.

На маршот учествуваа над 150 планинари од цела држава и од Врање, Република Србија.

К’рмзов упати голема благодарност за поддршката до локалната самоуправа и градоначалникот на Василево, Марјан Јанев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...