Групата Билдерберг, на чии состаноци секоја година се собираат познати личности од европски и северноамерикански политички и економски кругови, ќе одржат состанок во швајцарскиот град Монтре за да разговараат за голем број теми, вклучувајќи ја Европа и климата.
Меѓу учесниците оваа година се Џарен Кушнер, зет и советник на американскиот претседател Доналд Трамп, холандскиот премиер Марк Руте, германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лаен, францускиот министер за економија и финансии Бруно Ле Мер, генералниот директор на Унеско – Одри Азуле, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер.
Околу 130 учесници од 23 држави потврдиле учество на 67-та средба Билдерберг што ќе се одржи од 30 мај до 2 јуни во Монтре.
На средбата ќе биде и холандскиот крал Вилем-Александар.
Од бизнис средините ќе бидат присутни шефот на француската корпорација Тотал, Патрик Пујане и директорот на банката Креди суис, Тиџејн Тиам.
Агендата на состанокот вклучува 11 теми, вклучувајќи ја и светската стабилност, иднината на Европа и брегзит, климатски промени, кибер-закани, Кина, Русија, иднината на
капитализмот и вештачката интелигенција. Околу две третини од присутните се од Европа.