ИК на ВМРО – ДПМНЕ: Пратениците да постапат според законот при одземање на мандатот на Груевски

788

Aпелираме и ги охрабруваме пратениците во Собранието на Република Македонија да постапат на начин на кој неселективно ќе ги почитуваат законите и Уставот и во случајот со пратеникот Никола Груевски, порачува ВМРО – ДПМНЕ по седница на Извршниот комитет на партијата.

– Доколку се исполнети условите согласно закон и Устав за престанок на мандатот на Никола Груевски тогаш апелираме и ги охрабруваме пратениците во Собранието на РМ да постапат согласно законите и Уставот на Република Македонија – се вели во пораката до пратениците од опозициската партија.

Во продолжение соопшението од ВМРО – ДПМНЕ:

„По извршените консултации со пратеничката група и врз основа на дискусијата на затворената седница на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, ИК го донесе следниот заклучок:

– ВМРО-ДПМНЕ опстојува на принципиелност, честитост, искреност и доследно применување на законите и Уставот на Република Македонија, без оглед на политичката, општествената или било каква друга припадност, за разлика од непринципиелноста, криминалот, неправдата и селективноста во примената на законите и Уставот од страна на власта на СДСМ и Зоран Заев.

Водени од погоре кажанато, апелираме и ги охрабруваме пратениците во Собранието на Република Македонија да постапат на начин на кој неселективно ќе ги почитуваат законите и Уставот и во случајот со пратеникот Никола Груевски. Доколку се исполнети условите согласно закон и Устав за престанок на мандатот на г-динот Никола Груевски тогаш апелираме и ги охрабруваме пратениците во Собранието на РМ да постапат согласно законите и Уставот на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека политичкиот прогон на власта, селективноста во примената на законите, и штитењето на вистинскиот криминал кој го прави власта е разликата која треба да се подцрта и осуди од секој одговорен субјект.

ВМРО-ДПМНЕ покажува на дело дека секој еден граѓанин е еднаков пред законите. Ова е пример кој треба вистински да го следи оваа неодговорна и неспособна власт на СДСМ и Зоран Заев, а веднаш после формирањето на новата Влада во Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати владеењето на правото, вистинската апликација на законите и битката против организираниот криминал и корупција без разлика на политичката припадност на сторителот на криминалот“, се наведува во партиското соопштение.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...