ЦТГ кај родилки ќе се прави електронски од едно место

763

Завршува првата фаза од проектот ПериМак со кој се донираше опрема во гинекологијата во Чаир, на Гинеколошката клиника и на одделот за интензивна нега на Педијатриската клиника, преку кој значајно се намали смртноста на новороденчињата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

ПериМак е дел од фондацијата на проектот ХОУП и Штарштундер од Германија, а целта е зајакнување на капацитетите на родилиштата.

– Се донираше многу значајна и вредна опрема, вкупната вредност надмина некаде околу милион и двесте илјади евра, и тоа што е најзначајно од сѐ е што денеска дефинитивно се пушта во функција и електронското мониторирање на ЦТГ кај жени кои чекаат породување, што значи дека од едно централно место ќе може да се мониторираат, и тој електронски систем да алармира и при најмала промена – рече министерот.

Тој додаде дека овој проект значеше и тренинг и пренесување на знаењата и вештините на лекарите и на медицинските сестри.

– Од опрема се донираа кревети, специјална форма на вентилатори за интензивна помош кај бебето за да се одржи добриот капацитет на дишење по раѓањето. Донирани се и специјални ламби за осветлување доколку бебето има жолтица, специјални блендери што го мешаат кислородот со воздухот и тоа е една придобивка на технологијата последните години – додаде Филипче.

Ќе следи опремувањето на родилиштата во Тетово и во Куманово, а со буџетски средства комбинирано и останатите големи родилишта, во Струга, Струмица и родилиштето во Штипската болница, односно на сите места каде што се одвиваат најголем број раѓања во нашата земја.

Тренираните лекари и сестри кои што беа на едукација во странство сега го пренесуваат знаењето на своите колеги за користење на оваа опрема.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...