Тензично во Косово, се слушаат пукотници, КФОР повикува на смиреност (ВИДЕО)

1349

Тензична е ситуацијата во Косово во општините каде живее српско население, јавуваат медиуми, а дел од нив објавија и видеа од акцијата на косовската полиција. Медиумите јавуваат и дека се слушале истрели, а оти има и ранети.

Официјална потврда дека има ранети нема од никого, засега медиумите се повикуваат на неофицијални информации и извори од полицијата.

Акцијата се спроведува во Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица, Јужна Митровица, Србица и Глоговац, а полицијата официјално соопшт дека се уапсени неколку граѓани и неколку полициски службеници од различни националности – Албанци, Срби и Бошњаци.

Командантот на Меѓународните сили на Косово (КФОР), италијанскиот генерал Лоренцо Д’Адари, пак, ги повика косовските граѓани да останат мирни, порачувајќи им дека нема од што да се плашат.

Во врска со денешната полициска акција во која се уапсени повеќе лица под обвинение за организиран криминал и корупција,  Д’Адари апелираше до „сите страни во Косово“ да ги решаваат споровите мирно и одговорно и без употреба на сила и насилство.

КФОР во соопштение нагласува дека косовската полиција спроведува полициска операција на целата територија на Косово врз основа на налози за апсење издадени од страна на Суд во Приштина во рамки на истрага поврзана со корупција.

„КФОР потврдува дека ова е само полициска операција и дека Косовските безбедносни сили или кои било други воени сили не се распоредени на северот на Косово“, се наведува во соопштението на Меѓународните сили.

КФОР нагласува дека продолжува да ја следи состојбата и дека е подготвен да интервенира доколку биде потребно, со цел „да се гарантира безбедноста на сите заедници врз основа на неговиот мандат во согласност со Резолуцијата 1244 во Советот за безбедност на ОН“.

Поради тензичната ситуација, спрпскиот претседател Александар Вучиќ објави дека утрово во 6.29 минути како врховен командант, наредил целосна борбена готовност на српската армија и најави оти ако постои загрозување на поредокот и животите на луѓето во северниот дел на Косово, армијата ќе ги заштити.

Се огласи и косовскиот претседател Хашим Тачи кој порача дека денешната операција на полицијата во северно Косово е за доброто на сите граѓани и ја повика српската заедница да остане смирена и да ја поддржи борбата против организираниот криминал, јави дописникот на МИА од Приштина.

„Институциите на редот и законот имаат потреба од доверба и максимална поддршка на целото општество во борбата против организираниот криминал, шверцот и корупцијата на целата територија на Република Косово“, напиша Тачи на својата страница на Фејсбук.

Тој порача дека во втората деценија на постоењето на Косово како држава „нема да има место за организиран криминал“.

„Во втората деценија на Република Косово нема да има место за организиран криминал и тие кои се бават со незаконски активности ќе завршат зад решетки. Денешната операција на полицијата во северно Косово е за доброто на сите граѓани, независно од нивната припадност и ја повикувам српската заедница на север да остане смирена и да ја поддржи борбата против организираниот криминал. Јакнењето на редот и мирот е од животно значење за еднаквоста на сите граѓани и го забрзува нашето движење кон процесите на евроатлантските интеграции“, напиша Тачи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...