Судењето за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, „Талир”, се одложува за 12 јуни поради отсуство на обвинетиот Леко Ристоски.
Судијата Осман Шабани, информира дека во 9.30 пред отпочнување на денешното рочиштето адвокатот на обвинетиот Леко Ристоски доставил поднесок од Клиника за дигестивна хирургија со кој ги известува Судот дека обвинетиот Леко од 17 до 27 мај 2019 година се наоѓал на лекување, а на ден 27.05.2019 истиот е пуштен на дома.
Судот, исто така, констатира дека од страна на бранителот Дончо Наков на 27 мај бил доставен поднесок со прилог одговор на барање до Собрание, со кое претседателот на Собранието го известува адвокатското друштво дека барањето за автентично толкување на законот за СЈО доставено од јавниот обвинител Љубомир Јовески е пристигнато на 13.02. 2019 во кабинетот на претседателот на Собранието и по што е процесирано и доставено до Влада за мислење, кое до доставување на овој поднесок не е одговорено.
Адвокатот Дончо Наков, пред Судот наведе дека поднел ново барање до Собранието за ургенција за итно одговарање на барањето за автентично толкување.
Во судница беа присутни останатите обвинети Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои беа спроведени од куќен притвор, како и пратеникот Илија Димовски.
Првото рочиште за случајот Талир се одржа на 18 февруари годинава, но судскиот процес сѐ уште се наоѓа на почеток и веќе неколку месеци се одложува почетокот поради неприсуство на некој од обвинетите или Судскиот совет, но и менување на бранителите и застапниците на ВМРО-ДПМНЕ, како и барање за автентично толкување на став од Законот за СЈО.
Застапник на обвинението е Ленче Ристевска од СЈО.
Според обвиненителниот акт од СЈО, обвинетите незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.