Рамазан е причината што реисот го игнорира обвинителството

287

Реисот Сулејман Реџепи го игнорира обвинителството поради Светиот месец – Рамазан. Тој досега три пати не се одзва на поканата да даде исказ за случаите за говор на омраза, а преку своите адвокати испратил објаснување дека не може да се појави поради празникот.

Од скопското обвинителство велат дека надлежниот обвинител ќе му испрати нова покана за да даде исказ во јуни откако ќе заврши постот. Светиот месец завршува на 4 јуни кога исламската верска заедница го празнува Рамазан.

За првиот човек на ИВЗ има предмет за говор на омраза во два наврати. Првиот беше на почетокот на април кога тој на поставувањето камен темелник на џамијата во скопското село Арнакија изрече навреди за македонскиот народ.

– Нам не ни пречи да градат цркви, но никогаш нема да молчиме кога нѐ попречуваат во градењето на џамиите. Замислете вие со каков див народ живееме. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика дека ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот, не се освестува – изјави Реџепи за што кривична против него поднесе Хелсиншкиот комитет.

Подоцна тој се правдаше дека бил погрешно протолкуван, односно дека неговата изјава била извадена од контекст. Наводно дека квалификациите „див и непримерен народ без идентитет“ не се однесувале на Македонците, туку само на жителите во селото Лажец.

Само десетина дена подоцна, реисот имаше уште една изјава која обвинителството ја спои со претходната и ќе бара дали имало говор на омраза. Овојпат изјавата на Реџепи беше во периодот на превирања во врвот на ИВЗ и се однесуваше за судијката која донесе решение дека оваа верска заедница има нов поглавар.

– Слушнав дека имала проблеми со здравјето. Не ја жалам, таквите нека починат – изјави реисот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...