Последниот малезиски мажјак од видот суматрански носорози угина, соопштија надлежните, а тоа е голем удар за напорите да се сочува ова загрозено животно од изумирање во оваа земја.
– Носорогот Там имаше 30 години и живеше во резерватот за диви животни на островот Борнео, откога беше фатен 2008 година – изјави Кристина Лиев, државна министерка за туризам, култура и животна средина.
Суматранскиот носорог, најмалиот од својот род, е прогласен за изумрен во дивините на Малезија во 2015 година. Стручните лица проценуваат дека во светот има само уште 30 до 80 суматрански носорози, главно на индонезискиот остров Суматра и на индонезискиот дел на Борнео.
Главни причини за изумирањето на овој вид, се изолацијата, спреченоста да се размножуваат и криволовот, па тој може и да изумре за неколку децении, тврди конзерваторската група Интернејшнл рајно фаундејшн.
Лиев додава дека генетскиот материјал на угинатиот мажјак е сочуван заради натамошни обиди за размножување преку вештачко оплодување.
ФОТО: МИА