Бранко Героски утрово поднесе оставка на позицијата главен и одговорен уредник на „Слободен печат“, најтиражниот македонски дневен весник, што го покрена и го водеше пет ипол години. Текстот на оставката, поднесена до Мирослав Јовановиќ, косопственик и управител на „Слободен печат“ ДОО – Скопје, го пренесуваме во целост:
Почитуван г-н Јовановиќ,
Ве известувам дека поднесувам оставка на позицијата главен и одговорен уредник на дневниот весник „Слободен печат“, на која сум од првиот ден од покренувањето на весникот.
Мојата улога во покренувањето и во водењето на весникот во овие тешки и преломни пет ипол години, е значајна и затоа, без лажна скромност, во морална смисла, се сметам за негов соосновач. Како што знаете, во почетокот, се потрудив да конституирам значајна финансиска поддршка за компанијата, во првата и најтешка година од излегувањето на весникот. Еден подолг период, сѐ до моето вработување во компанијата на 9 февруари 2017 година, весникот го водев како единствен хонорарен главен уредник, за минимален месечен хонорар, придонесувајќи и на тој начин за намалување на трошоците во работењето и за успех на проектот.
Во сиве овие години, потпирајќи се на своето долгогодишно искуство и на нашиот мал редакциски тим, кој во најголема мера самиот го регрутирав, вложив огромни напори нашиот производ да стане успешен и водечки на пазарот. Во текот на страховладата на претходниот режим, поради своите критички написи и јавни настапи, како и поради водењето на весникот, јас лично и моето семејство бевме изложени на безбројни навреди, клеветења и закани.
Моето лично чувство е дека тие мои напори и жртви не беа доволно вреднувани, за што секогаш наоѓав разбирање, поради тешката економска ситуација и поради континуираните политички притисоци врз нашата компанија во тој период.
Од првиот ден на излегувањето на весникот, до ден денешен, без оглед на глобалните и локалните трендови на опаѓање на тиражите на печатените изданија, „Слободен печат“ без конкуренција е најтиражниот дневен весник во Македонија. Со својата професионалност, независност, уредничка автономија и отвореност за критичко опсервирање на стварноста и за различни мислења, „Слободен печат“ високо го подигна својот кредибилитет, што е квалитет со кој посебно се гордеам. Конечно, како доминантен производ на нашата компанија, весникот битно придонесува и за нејзините успешни деловни резултати.
Сепак, за жал, во текот на еден подолг период, јас, сопствениците и менаџерите на „Слободен печат“ различно гледаме на прашањето на уредувачката политика, на потребата на кој начин еден слободарски весник треба да негува критички однос кон властите во насока на засилени заложби за добро и одговорно владеење. Со мојата упорност и настојчивост, кои често погрешно беа толкувани како тврдоглавост, егоцентричност и дури и неодговорност, јас сепак успеав во сиов овој период да ја одржам автономијата на уредувачката политика, како една од клучните вредности на нашиот весник. Но, во многубројните разговори што ги водев со менаџментот на компанијата, од ден на ден стануваше јасно дека нашите разлики се ближат до степен на непремостливост во овој момент.
Мислам дека моите напори за менаџирање на односите погрешно беа разбрани и протолкувани како грчевита борба за мојата функција, што не е точно. Треба да имате на ум дека јас успешно раководам медиуми речиси четврт век. Но, секогаш кога сум доведен во ситуација да избирам меѓу етичките принципи што ми значат и на професионалноста што е одлика на мојата работа, од една страна, и етикецијата, односно задоволството да бидам нарекуван главен уредник, од друга страна, јас без размислување ја избирам првата опција.
Во овој момент, без моја волја, сум исправен пред еден таков избор. И затоа, без дилеми, без жалење, меѓу функцијата и професијата, одлучно ја избирам – професијата. Јас сум слободен новинар и човек и не можам да бидам ништо друго, во ниту една димензија на моето постоење и дејствување како новинар и јавна личност.
Вам, на сопствениците и на менаџментот, на новиот главен уредник што ќе биде назначен и на моите колеги, ви посакувам успеси и во иднина.
Со сета почит кон придонесот на сите луѓе за растежот на нашата компанија, за што и лично им благодарам, морам да нагласам дека ја поднесувам оваа оставка со исправено чело, бидејќи овој „Слободен печат“ сега е огледало на мојот напор со својата посветеност на професијата и со заеднички труд, да изградиме производ со кој ќе се гордеам не само јас, туку и вие и сите вработени во нашата компанија, затоа што весникот што го создадовме одигра многу важна, би рекол историска улога во обновата на демократијата во Македонија и во освојување на нови пространства на бескрајното поле на слободата и на општествената одговорност.
Со почит,
Бранко Героски
новинар
Скопје, 28.05.2019 година