Три индивидуални награди за македонските ракометари на турнирот во Унгарија

По завршувањето на турнирот, тројца наши ракометари добија индивидуални признанија за најдобри на турнирот.

203

Кадетската и младинската ракометна репрезентација на Македонија без пораз ги завршија настапите на меѓународниот турнир викендот во Балатонфуред, Унгарија, а по завршувањето на турнирот, тројца наши ракометари добија индивидуални признанија за најдобри на турнирот.

Мартин Серафимов, кој по враќањето во Скопје веднаш се приклучи и на сениорската репрезентација во подготовките во рамки на ЕХФ неделата, беше избран за најкорисен играч (МВП) во категоријата за ракометари до 18 години, додека Томислав Јагуриновски го доби истото признание во категоријата за играчи до 20 години, објави РФМ на својата веб страна.

Покрај Серафимов и Јагуриновски, со награда се закити и Матеј Петковски, кој беше избран за најдобар голман во категоријата за играчи со 20 години.

Македонските репрезентации победија на сите девет натпревари што ги одиграа во Унгарија, а овие турнири беа подготовка за ЕХФ Шампионатите што ги очекуваат избраниците на Данило Брестовац во Скопје и во Тбилиси ова лето.

ЕХФ Шампионатот за ракометари до 20 години во Скопје ќе се игра во периодот од 20 до 29 јули во СЦ „Борис Трајковски“, додека кадетите (до 18 години) ќе настапат на турнирот во Тбилиси, Грузија, во периодот од 10 до 19 август.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...