Исчезнала во густа шума, 17 дена со скршена нога се борела со дивината ФОТО

Инструкторката по јога исчезнала на 9 мај, кога нејзиното исчезнување го пријавил нејзиното момче Бен Конкол, откако таа не се појавила на вечера.

750

Иако нејзините најблиски не кренале раце, надежта дека ќе ја пронајдат Аманда Елер, која 17 дена претходно исчезнала во шумите на Мауи, Хаваи, била сè помала.

Инструкторката по јога исчезнала на 9 мај, а тоа го пријавил нејзиното момче Бен Конкол, откако таа не се појавила на вечерата.

Илјада волонтери, полицајци, пожарникари и кучиња трагачи учествувале во потрага по густите шуми околу патеката покрај која бил пронајден нејзиниот автомобил. Во потрагата биле вклучени и нуркачи, ловци, дронови и хеликоптери.

– Веќе почна да ни недостасува надеж. Кога ми заѕвони телефонот со неверојатните вести, мислев дека се шегуваат. Едноставно, не можев да верувам. Теренот на кој Аманда се изгубила е многу тежок – изјавил нејзиниот татко, Џон Елер.

Како што им раскажала на пријателите, Аманда се обидувала да се врати до својот автомобил кога сфатила дека се изгубила. Во тоа се обидувала два дена.

– Потоа се откажала од потрагата по автомобилот и започнала да бара вода – раскажала нејзината пријателка Кејти Јок и додала:

„Третиот ден се лизнала и паднала од висина од 6 метри. Тогаш ја скршила ногата и го скинала менискусот во коленото. Со тие повреди, се фокусирала само на потрагата по вода и храна. Четвртиот ден, ненадејна водена струја ѝ ги однела чевлите па останала боса. Ни рече дека најлошо ѝ пагал студот. Спиела во дупка на вепар каде се покривала со разни растенија за да се згрее. Се молела да престане да врне бидејќи на себе имала само тенка маица и хеланки. Вода пиела од потокот кој го следела низ шумата и се надевала дека ќе ја одведе до океанот. Јадела диви јагоди и гуава. Еден ден пронашла и два молци па ги изела. Секое утро се будела и си велела себеси дека тоа ќе биде денот кога ќе се врати дома, а секоја вечер била лута бидејќи не успеала.“

Судбоносниот ден, кога веќе била потполно на работ на силата, Аманда ја пронашол хеликоптер на околу 11 километри воздушна линија од патеката на која се изгубила. Меѓутоа, поради тешкиот и нерамен терен, таа поминала околу 50 километри.

– Гледавме на сите страни од хеликоптерот и одеднаш ја здогледавме како мавта и повикува. Беше како во филм – раскажала екипата од хеликоптерот кој ја пронашол.

Аманда подоцна раскажала дека и претходно ги слушала хеликоптерите како ја бараат, но не успеала да им го сврти вниманието.

Екипата од хеликоптерот спуштила корпа и ја превезла во болница во која била примена со многу повреди и модринки, но ментално во одлична состојба.

Сега закрепнува од повредите и исцрпеноста, а набрзо ќе биде пуштена дома.

ФОТО: Принтскрин/Твитер/Инстаграм

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...