Со разлика од 9.5 отсто во однос на СИРИЗА, најголемата грчка опозициска партија, Нова демократија е победник на вчерашните европски избори во Грција, а земјата, како што самиот најави Алексис Ципрас, набргу оди на предвремени избори, јави дописничката на МИА од Атина.
Според преброените 74.27 отсто од гласовите заклучно со 9 часот утрово по локално време, претставници во Европскиот Парламент добиваат седум грчки партии, меѓу кои за прв пат, две новоформирани. Едната од поранешниот член на ултранаципналистичката ЛАОС, Кирјакос Велопулос (Грчко решение), другата од поранешниот министер за финансии во владата на Ципрас, Јанис Варуфакис (Мера25).
Поконкретно:
Нова демократија 33.24 % – 7 европратеници
СИРИЗА 23.74 % – 6 европратеници
Движење на промена 7.51% -2 европратеници
Комунистичка партија на Грција 5.54% -2 европратеници
Златна зора 4.86% -2 европратеници Грчко решение (Велопулос) 4.12% -2 европратеници
Мера25 (Варуфакис) 3.06% -2 европратеници
Останати партии 17.93%
Опозициската Нова демократија, освен на европските, во водство е и на локалните избори во Грција, а веќе од првиот круг доби пет грчки периферии.
Со пребројани 72.62 отсто од гласовите, Нова демократија победи во регионите Централна Македонија, Западна Македонија, Епир, Тесалија и периферијата што ги вклучува островите од северниот дел на Егејското море, каде што нивните кандидати за префекти освоија над 50 отсто од гласовите.
Во општина Атина, со пребројани 98.20 отсто од гласовите, Костас Бакојанис од Нова демократија освои 42.67 отсто, а кандидатот на СИРИЗА, Насос Илиопулос 16.96 отсто. Сепак последната битка ќе се води следната недела во вториот круг.
Втор круг ќе има и во општина Солун. Николаос Тахиаос од Нова демократија е сигурен на првата позиција со 22.48 отсто, додека пак тесна битка се води за второто место меѓу Константинос Зервас и Јоргос Орфанос, со разлика од само 0.3 отсто со пребројани 57 отсто од гласовите. Кандидатката од СИРИЗА, Катерина Нотопулу е на четвртата позиција со 13.54 отсто.
Излезноста на евроизборите е 58.27 отсто, на изборите за префекти 58.15 отсто, а за градоначалници 58.71 отсто.
Откако вчера, Министерството за внатрешни работи на Грција ги соопшти првите официјални резултати, лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис побара од Ципрас да преземе одговорност и да си даде оставка.
– Грција има потреба од нова влада, со свежа доверба од грчкиот народ што ќе ја гарантира стабилноста, но и нејзината перспектива во оваа критична околност. Премиерот мора да ја преземе неговата одговорност, за доброто на земјата треба да си даде оставка, а земјата да оди на национални избори колку е можно побргу. Ова на крај е единственото чисто решение. Грција не може да чека повеќе не може континуирано да отстапува – рече Мицотакис.
Грчкиот премиер, неколку минути пред полноќ, рече дека по вториот круг на локалните избори следната седмица, ќе побара од претседателот на државата да распише предвремени парламентарни избори.
– По вториот круг од локалните избори ќе побарам од претседателот на државата да распише предвремени парламентарни избори за на крај грчкиот народ да биде оној што ќе ја даде конечната одлука – рече Ципрас објаснувајќи дека нема намера да избега и нема да го игнорира резултатот од изборите.
Неофицијално во Грција, како и во изминатиот период, така и сега, како можен датум за избори се споменува 30 јуни.