Ќе има смени и на министри и нема да има ротации, туку ќе бидат именувани нови личности. Не кажувам бројка, досега се сменети шест министри, а за да има реконструкција на Влада, треба смена на повеќе од третина од министрите. Во такви околности, навреме ќе ги соопштиме новите имиња, паралелно со разрешувањата, изјави по вечерашната седница на Централниот одбор, Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Тој потврди дека Централниот одбор на СДСМ ги разреши целиот извршен одбор, потпретседателите, партиските секретари и координаторката на Форумот на жени, Цветанка Ласкова, а на сите им се заблагодари за вршењето на досегашните функции во партијата.
– Ветивме промени и се случуваат. СДСМ вечерва демонстираше сериозна одговорност пред граѓаните и сопствената земја. Донесовме одлуки што носат суштински промени дека оваа одлука е сериозен израз на одговорност, на, како што истакна, восприемчивост од пораките на граѓаните и наши амбиции за нашето подобрување. Тргнавме од сопствените редови. Знаете, претходно донесов одлука за разрешување на претседателите на општинските организации. Вечерва продолживме понатаму, изјави Заев.
Тој информираше дека за нов генерален секретар е избран Љупчо Николовски и дека тој повеќе нема да биде министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според одлуката, разрешени се Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, Цветанка Ласкова координатор на Форумот на жени и шесте потпретседатели Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири.
Заев рече дека продолжуваат консултации за поставување на нови личности на овие функции и истакна дека сега е време на уште поголема иницијатива на СДСМ и целиот фоукос ќе биде кон подобрување на животот на граѓаните.