Излезноста на изборите за Европскиот парламент, се чини дека е во пораст во некои од најголемите земји на ЕУ.
Ширум „Стариот континент” во тек е битката за влијание во идниот состав на Европскиот парламент.
Според податоците добиени до средината на попладнево, излезноста е малку зголемена во Шпанија, Франција и Германија.
Во Шпанија, одѕивот на гласачите е 35 проценти во споредба со 24 отсто забележан во истиот временски период на последните европски избори, кои се одржаа во 2014 година. Во оваа земја, исто така, се одржуваат и локални избори, а во одредени делови на Шпанија и регионалните, вклучувајќи и гласање за градоначалници на Мадрид и на Барселона, а во 2014 година изборите за Европскиот парламент биле одвоени од другите.
Сојузните изборни власти на Германија соопштија дека 29 отсто од регистрираните гласачи гласале до 14 часот, или четири часа пред затварањето на гласачките места, а во 2014 година одзивот бил 26 проценти. Во овој процент не се вклучени гласовите од гласањето по пошта.
Во Франција, одѕивот до пладне бил 19 проценти, во споредба со 16 проценти во истиот временски период во 2014 година.