Угинатите кучиња и мачиња уште ги закопуваме „кому иде“, за гробишта на миленици нема абер

324
20151004 Sunday 1116 defile na zivotni kucinja kucina kuce mace macki macina machinja domasni milenici den na zastita na zivotni domashni milenici milenichinja milenicina
Фрлање во контејнер, закопување во нива, зад зграда или во дворот на куќата, по планини. Каде завршуваат труповите на умрените миленичиња во земјава, додека во цивилизираниот свет за тоа постојат посебни гробишта?

Сите се согласни дека миленичето (кое за вистинските љубители на животните е дел од семејството) откако ќе почине, треба достоинствено да се испрати и на соодветно место.

Но, засега, сепак, ваквиот „проект“ останува само гласно размислување и укажување иако, според надлежните, постои интерес за „отворање“ гробишта за миленици.

– Во Агенцијата за храна и ветеринарство досега неколку пати доаѓаа луѓе кои сакаа да „отворат“ гробишта за миленици. Но, им беше посочено дека се работи за комунален „проблем“. Им објаснивме дека ние во тој дел не сме надлежни, дека општината треба да им даде парцела. Не е наше ниту да кажеме каде би била локацијата, по ДУП парцелата треба да биде исцртана и одобрена, вели за МИА директорот на АХВ Зоран Атанасов.

Од Град Скопје кусо објаснуваат дека во однос на ова прашање има правен вакуум.

– За жал, прашањето за гробишта на миленици не е регулирано во Законот за гробишта и тој правен вакум локалните самоуправи не можат да го пополнат со подзаконски акти и да обезбедат услови и за ваков вид третман на домашните миленици. Се додека не се регулира овој сегмент, не можеме да коментираме за натамошни чекори, истакнуваат од Градот.

Ветеринарната комора силно ја поддржува иницијативата за отворање гробишта за миленици. Потсетува и на можноста за кремирање на труповите што во западните земји е одамна воспоставена практика.

 – Решавајќи го овој проблем на соодветен начин, цивилизациски се приближуваме барем во тој сегмент до општествата кон кои тежнееме да се интегрираме. До овој момент сопствениците на миленици се ставени во ситуација да се снаоѓаат како знаат и умеат и милениците најчесто ги закопуваат некаде во природа, надвор од населените места, нагласува претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски.

Според него, отворањето гробишта за миленици ќе значи решавање не само на проблемот што е еколошки, туку и на емоционалниот проблем со кој се соочуваат сопствениците по смртта на своето, куче, маче, кое го доживуваат како член на фамилијата, што и всушност е.

-Секако, процесот на отворање гробишта за миленици ќе треба да ги помине сите потребни процедури и да ги задоволи сите еколошки и здравствено-безбедносни стандарди преку соодветните институции. Повеќе од јасно е дека гробиштата ќе овозможат сопствениците на најдостоинствен начин да се разделат од својот миленик, дополнува Николовски.

Од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ се со јасен став – дека апсолутно треба да има гробишта за миленици или градот да воспостави посебна служба/јавно претпријатие специјализирано за оваа намена.

-Засега сите импровизираме. Кога ќе ни умре куче или маче се криеме како крадци за да ги закопаме на јавни површини, во тревници, на Водно, на периферија од Скопје,… Се е тоа импровизација. Веројатно кршиме и некои закони. Луѓето што живеат во рурални средини можеби се снаоѓаат, но прашање е и тоа, дали е дозволиво и како е со закон регулирано, а сигурно не е дозволиво. Имаше еден случај кога почина „дога“. Сопственикот не знаеше каде да си ја закопа зашто е огромна. Каде потоа заврши, не знам. Веројатно на некоја нива, на нечиј имот. И јас бев во ситуација мачката да си ја закопам на Водно и додека копав вечерта, ни дојде обезбедување. Ни рекоа дека е тоа имот на црквата. А мачето спакувано во кутија, со чаршав, вели Радмила Пешевска од „Анима мунди“.

И таа напоменува дека немањето соодветно место каде да се закопа миленикот, е дополнителен стрес за сопственикот.

-Ние имавме иницијатива за гробишта за миленици. Впрочем, во предизборието секогаш излегуваме со сет барања и им ги понудуваме на политичките партии. Потпишуваме со нив некаков меморандум за соработка. Во случајов, СДСМ ги ставија во програма нашите барања, меѓу кои и гробиштата за миленици и тоа стои како предизборно ветување. Но, ништо од него не е исполнето, предочува Пешева.

Во однос на уличните кучиња, укажува дека завршуваат на „Дрисла“, во дупката за медицински отпад што е нелегално и претставува дополнителен, сериозен еколошки проблем на градот.

Колку миленици има во земјава?

Проценката што ја направи АХВ заедно со Ветеринарната комора, покажува дека на територијата на земјава има околу 75.000 – 80.000 кучиња. До 28 март 2019 во системот се регистрирани 52.500 микрочипирани кучиња миленици и 1.800 – 1.900 мачиња.

-Се водиме од кампањата за чипирање во рамки на која се набавени 100.000 чипови. Сметаме дека има повеќе миленици, околу 120.000 – 150.000 кучиња и мачки, велат од АХВ.

Миленици се закопувале и во Стар Египет

Погребувањето на милениците е познато уште од Стар Египет кога мачките биле мумифицирани. Најстарите гробишта, пак, за кучиња се пронајдени во Ашкелон, Израел. Се смета дека тука биле закопани илјадници трупови на кучиња во периодот од петиот до третиот век пред нашата ера. Притоа, повеќето биле миленици.

И Хајд Парк во Лондон неформално се користел како гробишта за миленици од 1881 до 1903 година.

За една од првите јавни т.н. зоолошки некрополи во денешниот, модерен свет, се сметаат гробиштата за животни во општината Аниер сур Сен, во предградието на Париз, кои датираат од 1899 година и на кои, освен кучиња и мачки, се закопуваат и други животни. Тука е и гробот на славниот германски овчар Рин Тин Тин, интернационалната ѕвезда што се појавува во дури 27 холивудски филмови.

Американските, пак, најголеми и најстари гробишта за миленици се во Њујорк и се од 1896 година.

Интересен е и податокот дека на некои гробишта, како Аспин Хил Меморијал парк во Силвер Спринг, Мериленд, е дозволено милениците да се закопуваат до своите сопственици.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...