Како беше онаа народната „се тресела гората – се рoдил глушец“. Така некако заличува и сиот наш толку масовен ангажман околку поетската збирка, главно поради двете спорни, подобро речено – грозоморни песни поместени во неа.
Според искажувањата на некои, кои имале допир со тоа творештво, штета е што за него се потрошило толку хартија, плус печатарска боја. Уште кога пак ќе го погледнете ликовното обликување на корицата, станува ептен јасно за какво промашување станува збор.
Помалку загриженост покажавме за огромниот број содржински гафови во нашата учебникарска литература, со кои им е нанесен непростлив грев на стотиците илјади ученици. Побрзо се смирија духовите и по повлекувањето од печат на Енциклопедијата на МАНУ.
Овој издавачки карамбол на Агенцијата за млади и спорт е само потврда дека многу сегменти од нашата национална култура се одвиваат според законите на стихијноста, без почитување на елементарните стандарди за квалитет во ова време на силен подем на светските цивилизациски дострели, во кои нашите творци и умственици во минатото имаат дадено значаен придонес.
Образовниот систем е во агонија. Факултетите го изгубија епитетот на храмови на науката и просветата. МАНУ, по годините на романтичарскиот научен и културен подем, западна во некој вид тешко совладлива летаргичност. Музеите ја изгубија својата функција на аули во кои се изведуваше задолжителната дополнителна нагледна наставна и воспитна едукација на учениците од сите возрасти. Културните задружни домови по селата и градовите прераснаа во руини. Од пазарот исчезнаа бројни новински гласила. Молк завладеа во студијата на триесеттина радио станици во некогашните општински центри. Тивка смрт доживеаја катедрите по македонски јазик што некогаш функционираа на бројни странски униоверзитети, кои ја афирмираа македонистиката и Македонија како лулка на словенството. Слична судбина снајде и многу од училиштата за дополнителна настава на мајчин јазик за децата на нашите раселени сонародници по туѓинските меридијани.
Кога пред себе ја имаме оваа слика, тогаш спорната поетска збирка е вистинска маргинала. Во земји во кои владеат правилата на моралноста, тоа се решава брзопотезно. Без многу врева. Без трошење време и енергија. На виновниците по брза постапка им се покажва црвен картон. Без емоции и кадровски тактизирања. Паѓаат влади. Без збогување се експедираат претседатели и премиери. И кога не е ловна сезона, ако е потребно, се изведуваат „хајките“ за отстрел на неподобните министри.
Во случајот со Агенцијата за млади и спорт и нејзиното килаво родено поетско дело, не е апсолутно упатно толку бучно и звучно драмење. Смешни се сите бравурии и навести за некакви „хашки процеси“. Да не правиме Бајрон од балван. Пушкин од Јанкоец!