Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска на папата Франциск му подари скулптура на светите браќа Кирил и Методиј, дело на познатиот македонски скулптор Томе Серафимовски.
Оваа скулптура, истакна Џафери, е изработена во Охрид инспирирана од централниот споменик во срцето на самиот град – споменикот на светите браќа апостоли и просветители, основачи на првата словенска азбука – глаголицата, и како што рече, основоположниците на словенската книжевност и писменост.
– Денес, кога ги чествуваме светите браќа и го славиме нивното епохално дело, ви го подарувам овој дар што е симбол на мојата искрена и огромна почит кон Вас, Ваша светост. Како Албанец, како муслиман, меѓутоа пред вас во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, денес сум тука пред вас како претставник на мојата земја, мала по територија, мала по број на жители, меѓутоа богата по својот шаренолик мозаик на различни народи, религии и култури кои значат богатство и дополнителна вредност за целиот регион и светот. Моја највисока почит кон вас, кон Светата столица, и кон делото на светите Кирил и Методиј – рече Џафери при врачувањето на подарокот на папата Франциск.
Во знак на благодарност и почит, папата Франциск на претседателот Џафери му подари ретка скулптура и авторски книги.
– Оваа скулптура има голема симболика. На скулптурата има виновата лоза и гулаб на маслинова гранка. Оваа скулптура е симбол на заедништво и пораки за мир – акцентираше папата Франциск, кој воедно доби и подарок од архиепископот г.г. Стефан.
Претседателот на Собранието, Џафери оствари и тет-а-тет средба со папата Франциск, а се сретна и со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.