Северна Македонија и Црна Гора беа и остануваат посветени и искрени партнери, а за кратко и сојузници во рамките на НАТО. Двете земји имаат одлична билатерална соработка, која ќе продолжи да се реализира со исто темпо и во иднина, заклучија на денешната средба во Подгорица, министрите за одбрана Радмила Шекеринска и Предраг Бошковиќ.
– Црна Гора беше и остана наш важен сојузник, близок партнер кој безрезервно нè поддржа на нашиот пат кон Алијансата. Искрено ви се заблагодарувам за брзата ратификација на Пристапниот протокол, со што покажуваме дека Балканот живее во ново време во кое соседите, поблиски и подалечни, ни се и најблиски соработници – рече министерката.
Шекеринска истакна дека соработката со Црна Гора не е само флоскула – таа е видлива преку заедничките вежби, школувањето на питомци за потребите на Војската на Црна Гора на Воената академија во Скопје, учеството на питомци од Црна Гора на Летниот кампус во Северна Македонија, разни видови на курсеви обуки и експертски разговори во двете земји.
Министерката на средбата се осврна и на претстојната вежба што ќе се реализира на Криволак – „Одлучен удар“, чиј составен дел ќе бидат и припадници на црногорската војска. Таа додаде дека вежбата „Одлучен удар“ во која освен нашата земја и САД, кои учестуваат со најголеми контингенти, и на која покрај Црна Гора ќе земат учество и Бугарија, Албанија и Литванија, е силна порака до регионот и до светот дека соработката во Алијансата е на највисоко ниво.
Министерот Бошковиќ рече дека одбранбената соработка со нашата земја е одлична и континуирана во сите области и дека ќе продолжи да се развива и во иднина, во рамки на Алијансата. Бошковиќ изрази задоволство што процесот на ратификација на Пристапниот протокол се одвива со забрзано темпо и дека многу наскоро, Македонија ќе биде и полноправен член на Алијансата.
Министерската средба се реализираше на маргините на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Црна Гора која се одржува во Подгорица при што вицепремирката и министерка за одбрана Шекеринска и црногорскиот колега Предраг Бошковиќ во име на двете влади потпишаа и Спогодба за заемна заштита на класифицирани информации.