Ременски: Вељановски да поднесе неотповиклива оставка од Комисијата за надзор на безбедносните служби

429

Чувствувам потреба да дадам и друга изјава по однос на денешнава седница на комисијата за надзор на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање на кои што се разгледуваа годишните извештаи за работа на управата и на Агенцијата за разузнавање, изјави денеска Фросина Ременски, потпретседателка и пратеничка на СДСМ.

Ако ги исправиме моралните дилеми од аспект на легитимноста и кредибилитетот на носењето на одлуките од страна на Комисијата, од аспект на тоа кој ги води комисиите, нема голема разлика морализирањето на статусот на Павле Богоевски на неутврдена вина и на неповедена постапка за истрага, наспроти статусот на пратеникот Трајко Вељановски на кој што ова Собрание не можеше да му го одземе имунитетот заради солидарноста на неговите сопартијци, а е под сомнение и при крај на поведување на обвинителен акт за здружување заради непријателска дејност односно за организација на насилните настани на 27 април во Собранието на Република Северна Македонија.

Тоа, додава Ременски, дополнително како пратеници, веќе сега нѐ исправа и пред една многу посериозна дилема од аспект на тоа дали имателот на безбедносен сертификат „државна тајна“ обвинет за дела против државата, може и смее да гледа строго класифицирани документи и извештаи за работа на токму тие безбедносни служби кои што ги обезбедија доказите за учеството во организација на насилните настани во Собранието кои што се дела против државата.

Дополнително на ова, се навраќам на дебатата апропо Законот за агенцијата за национална безбедност и обврската Комисијата за надзор да определува кои двајца членови ќе учествуваат, кои двајца пратеници ќе учествуваат во постапката на селекција на кадри на Управата и тоа ќе го прави Трајко Вељановски кој што е исто така на рамниште на осомничените и осудените за насилствата во Собранието на 27 април.

– Јас го повикувам пратеникот Трајко Вељановски да си поднесе неотповиклива оставка и од морални и од правни причини од Комисијата за надзор на Управата за безбедност и контра-разузнавање и на Агенцијата на разузнавање бидејќи, прво е недостоен за вршење на функцијата пратеник на кој што побарање на Судот, Собранието не успеа да му го одземе имунитет и го прави потенцијален безбедносен ризик за користење на информации од класифицирана природа – државна тајна – нагласи Ременски.

Овие прашања денеска му беа поставени и на директорот на Управата за безбедност и контра-разузнавање, дали не чувствува потреба да покрене постапка за преиспитување на безбедносниот сертификат – државна тајна, на пратеникот Трајко Вељановски.

Така што, ако веќе влегуваме во делот на морализирање од апстрактна природа овде имаме конкретна ситуација, од која што зависат легитимноста и кредибилноста на сите процеси во кои што влегуваме како држава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...