ДУИ е вознемирена од одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски да го назначи Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање и бара претседателот да ја преиспита одлуката. Ова денеска го изјави вицепремиерот Бујар Османи.
– Вчерашната одлука на претседателот Пендаровски за назначување на директорот на Агенцијата нѐ вознемири сите и стави сенка на вчерашниот ден кога Собранието ја донесе реформата на безбедносните служби. Нашите информации се дека одлуката се базира на недоволни информации и не е злонамерна. Ставот на ДУИ е дека додека не се расветлат до крај кумановските настани ниту еден човек кој бил дел од службите на Иванов не треба да биде на чело на такви сензитивни институции. Очекуваме дека претседателот ќе собере повеќе информации и ќе рефлектира по однос на неговата одлука – рече Османи.