Книжарата Еслите во Тајпеј им дава на луѓето да читаат книги без обврски да ги купат. Ова место станало омилено за ноќни излегувања на луѓето.
Книжарата работи 24 часа дневно и преполна е со љубители на книги, хипстери, но и родители со мали деца.
Според лицата, најпрометно време било од 22 до 02 часот наутро, луѓето седеле по ќошови, на скали и сите уживале во читањето.
– Доаѓам тука 3-4 пати во неделата. Во сабота доаѓам попладне и останувам до 4 наутро. Излегував во барови, но не ми се допаѓаат. Сакам да читам. Овде можам да читам книги кои ги сакам и без некој да ми смета – изјавила 31-годишната Јао Хонг, која прочитала 200 страници за една вечер.
Читателите не се примамени само од книгите, кои ги има околу 250.000 – но и политиката на книжарата да се чита колку што се сака, без обврска да купат книга. Но како тогаш ваква компанија може да заработи околу 430 милиони долари (минатата година) ако им допушта на клиентите да ја користат книжарата како библиотека?
Во склоп на книжарата се наоѓаат и вински подруми, продавници за чаеви, бутици со облека, кафулиња и ресторани. Се приредуваат и концерти, проекции на филмови, уметнички изложби, но и емисии за готвење, со што дополнително се промовираат книгите кои книжарата ги нуди.
Тајпеј има богата понуда кога се во прашање ноќните излегувања – караоке барови кои работат 24 часа, ресторани, клубови, но ништо од тоа не станало обележје на градот како што е Еслите.