Галичица и Сатеска ќе ни го белат образот на црната листа на УНЕСКО

509

Во Министерството за екологија се оптимисти дека до крајот на јуни ќе успеат заедно со Владата и со ресорот Култура да ги завршат обврските по препораките на Организацијата за заштита на светското културно наследство, УНЕСКО и дека Охрид нема да се најде на листата на загрозени подрачја.

Како што објавивме претходно, УНЕСКО бара да се прогласи мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, но и на какви било други урбанистички активности. Освен ова, УНЕСКО, како што велат екологистите, констатира дека нема доволен напредок од страна на државата во решавањето на проблемите со животната средина во Охридскиот регион и дека треба да се испита влијанието на нелегалните градби во заштитеното подрачје, како и да се урнат оние градби што претставуваат опасност за природното и за културното наследство. Вакви забелешки Комитетот за светско наследство на УНЕСКО имал на својата 41. сесија во Краков, уште во 2017 година.

Зошто македонските власти чекаа во пет до 12 да ги доработуваат задачите поставени од УНЕСКО и зошто Владата сѐ уште го нема усвоено Предлог-законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион е прашање на кое не добивме одговор од владината служба. Во последниот извештај што македонските надлежни инситуции го испратиле до УНЕСКО, пишува дека „Владата го финализира новиот Предлог-закон за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион“, но тој сѐ уште е во драфт верзија. Македонската страна во извештајот до УНЕСКО дури и вели дека во месец февруари, работната група со повеќе од 37 експерти, претставници на владините оддели, градоначалници и претставници на општините и граѓанското општество имале консултации, кои придонеле за „подобрен предлог-закон“, кој, како што пишува бил „финализиран и усогласен со постојните национални закони и регулативи“, но факт е дека досега нема ни предлог ни закон. Дознаваме и тоа дека македонските власти дури и се обврзале пред УНЕСКО дека ќе ја завршат работата по завршувањето на претседателските избори на 5 мај кога парламентот ќе продолжел со работа. Ако имало дополнителни предлози од светската организација, навеле дека ќе бидат вклучени во нацрт-законот како амандмани, за време на парламентарната процедура.

Откако не добивме одговор од владината служба, побаравме изјава од заменик министерот за екологија Јани Макрадули, кој пак, топката ја префрли во Владата велејќи дека вчера имала соопштение по забелешките на УНЕСКО, но во него не пишува дали до крајот на јуни ќе биде донесена регулативата која ја бара светската организација.

Илбер Мирта, раководител за заштита на води во Министерството за екологија и експерт за препораките на УНЕСКО, за Плусинфо вели дека законот е подотвен и очекува дека ќе се најде на владина седница во скоро време, но тој вели дека како позитивно во пресрет на сесијата на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, треба да се смета и фактот што Владата прифатила значајни забелешки од светската организација за националниот парк „Галичица“, за изградбата на експресниот пат од Охрид до Албанија, како и за реката Сатеска, како еден од загадувачите на Охридското Езеро.

– Оптимист сум дека Охрид нема да се најде на лисата на загрозени подрачја. Во однос на препораките на УНЕСКО, може да се пофалиме со тоа што е стопиран проектот за изградба на Ски центарот на Галичица и автопатот А3 од Охрид до „Св. Наум“ со што е отстранета опасноста за негативно влијание врз националниот парк. Потоа, заедно со УНДП, изработен е проект за враќање на реката Сатеска на старото корито во реката Дрим. Формиравме Комисија за заштита на природното и културното наследство за Охрискиот регион, а се изготвува и План за управување со Охридскиот регион – вели раководителот Мирта, и додава дека за тоа што е направено од страна на државата до светската организација е испратен обемен извештај.

Во него, власта се фали дека одржувањето на интегритетот и автентичноста на природното и културното наследство поради кое Охридскиот регион од 1979 одина е под закрила на УНЕСКО, е висок приоритет за Владата, како и на општините.

Како позитивна работа, со која може да се пофалиме пред УНЕСКО, општината Охрид, вели дека е и владината одлука за формирање на новото јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем, што е важно во делот на препораките за подобрување на системот за отпадни води.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...