Да се биде Буда или Итар Пејо?

3001

По првата „консултативна“ работна средба помеѓу Заев и Ахмети по изборите, нема ништо ново што може да се соопшти по повод операцијата „Метла“. Најмногу и затоа што нивните мотиви околу спроведувањето на овој проект се суштински различни: Заев мора да го испорача аманетот, даден пред вториот круг на претседателските избори, дека ќе направи „чистка“ во редовите на власта, како поука од послабата од очекуваната поддршка на гласачите; Ахмети, пак, од своја страна, не даде никакво ветување, па нема што да исполнува.

Што му е гајле на Ахмети што ветувал Заев, за што не бил ни прашан?! Дотолку повеќе што, во недостиг на американски амбасадор во земјава, ДУИ има голем маневарски простор во толкувањето на тоа што е неопходно да се направи за општиот напредок на државата.

Што е право, на ДУИ приказната ѝ оди одлично. Седат комотно во власта, иако повеќето функционери – со неколку чесни исклучоци – им работат со енергија што би можела да се оцени како „критичен минимум“. Но, гледате, со текот на изминатите петнаесетина години и во домашната и во дипломатската јавност во земјава се изгради таков став дека од ДУИ и не се очекува сериозно да се занимаваат со одработување на описот на работата на владите во кои седеле, туку да се грижат за „големата слика“, за „високата политика“, за одржување, па дури и гарантирање на меѓуетничката политичка и безбедносна стабилност во Македонија. Тоа, и бескрајното „верглање“ за важноста на евро-атлантските интеграции.

И секогаш со една длабокоумно замислена, мудра поза на Ахмети во позадината, чиј збор алтан вреди! А може и во евра. Бидејќи нема бизнис што им е застанат по сите вертикали и хоризонтали на власта. Имаа цела деценија да ја научат школата на дил-ориентид политичари кај врвниот експерт од таа област, Груевски. Положија со врвен, сума-кум-лауде успех. Со Заев се на пост-дипломски студии.

Единствено што го „ремети“ Али Ахмети во неговата „будистичка“ смиреност во сегашнава политичка констелација на ѕвездите е „итар-пејовскиот“ атер на Заев: дал збор премиерот дека нешто ќе се менува, па не може меракот да му се крши! Тоа е причината поради која Ахмети прифаќа да се сретнува со Заев на „консултации за метлата“, додека Артан Груби или Бујар Османи секој ден потсетуваат дека без ДУИ нема влада, ни оваа, ни претходната, ни наредната!

Ама Ѓаволот ни во опозицијата не спие! Некој од врвот на тамошните албански партии, фатени во „невозможната мисија“ да се разведе бракот од интерес што ДУИ го има со СДСМ, деновиве изјави дека во иднина е можна соработка и со ВМРО-ДПМНЕ, само доколку тие се извинат за настаните од 27 април. Туф, туф, голема работа едно извинување да се направело, тоа може шефот на опозицијата во кој било момент да го срочи во која било варијанта округло па на ќоше, кога веќе се дошло до тоа да има кој од другата страна едвај да чека да му го прифати… „Многу ни е жал и се извинуваме доколку некој случајно се нашол повреден од настаните на 27 април“… Ете, се извинивме! Ај сега да соработуваме во рушењето на Заев од власта!

Во вакви игри ќе ни поминува времето во наредните неколку месеци, доколку Заев не извлече некој неочекуван „кец“ од ракавот. Сè уште не е исклучено сите да ги изненади со некоја иницијатива што другите нема да можат да ја одбијат. Откако и официјално месецов се сретна со папите Франциск и Бранко, не би било изненадување некоја „просветлена“ идеја да му падне на памет во рамките на проектот за „големото помирување“ во земјава.

Некако се навикнавме на неконвенционални решенија што ги практикува Заев во политиката, па не е лошо да се биде на штрек и кога се чини дека во нашава политика веќе ништо не може да нè изненади. Мене така некако ми мириса…

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...