За жените на село 180 илјади денари за инвестиции

2332

Неповратна финансиска поддршка во висина од 180 илјади денари за инвестиции коишто ќе придонесат за развој на руралните средини. Ова е мерката која ја прифати денеска Владата на 136 седница, која предвидува изменување на Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за период од 2018-2022 година, во насока на поддршка на жените од руралните средини.

Како што соопшти владината прес-служба, на денешната седница беше прифатен и Предлог – законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за основање на Културно-информативни центри во Република Северна Македонија и Културно – информативни центри во Република Албанија. Со спогодбата се воспоставува правна рамка за основање на културно – информативни центри, преку кои уште повеќе ќе се интензивираат релациите во сите дејности од областа на културата, презентација и афирмација на културите на двете земји, како и институционално поврзување на субјектите од Република Северна Македонија и Република Албанија што би резултирало со голем број на заеднички проекти и иницијативи. Отворањето на културните центри ќе придонесе за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста на Република Северна Македонија, ќе овозможи навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во двете држави и ќе претставува мост за зближување и заемно запознавање меѓу народите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...