Совет за реформа: Се засилува динамиката на спроведување на мерките од Акцискиот план

119

Петтата седница на Советот за реформа во јавната администрација, се одржа денеска во Владата на Република Северна Македонија, а со која претседаваше премиерот Зоран Заев.

На седницата, како што соопшти владината прес-служба, беше усвоен записникот од претходната седница на Советот и согласно воспоставената пракса Министерството за информатичко општество и администрација ќе го објави на својата веб страница.

– Во однос на заклучоците од четвртатата седница, би сакал да ја поздравам транспарентноста во работењето на институциите и да ве охрабрам да продолжите со редовното известување и споделување на релевантните документи за реформата во јавната администрација, рече премиерот Заев, истакнувајќи ја важноста и комплексноста на реформата, од која, како што подвлече, треба да произлезе професионална и департизирана јавна администрација.

На седницата на Советот се обрати и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој го претстави Првиот годишен извештај за спроведување на Акцискиот план на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022.

На седницата на Советот беше усвоен Годишниот извештај, а е донесен и заклучок истиот да биде усвоен и од Владата на Република Северна Македонија.

Според министерот Манчевски, овој извештај се фокусира на резултатите, а вклучува и индикатори што овозможуваат следење на напредокот и мерење на резултатот.

-Во врска со реорганизацијата и оптимизацијата на органите на државна управа, агенциите и инспекциските служби, како и во врска со новиот Закон за високата раководна служба, ги претставуваме начините на кои треба да ги направиме големите промени во системот, кои треба да се видливи и кои се однесуваат на начинот на работењето на државниот сектор, истакна министерот Манчевски, претставувајќи ги начините на кои може да се изврши реорганизација и усогласување на државните институции, со акцент на зајакнување на евалуацијата на работата на високите службеници.

Членовите на Советот беа едногласни дека во наредниот период ќе се зголеми динамиката на спроведување на мерките од Акцискиот план на Стратегијата за реформи во јавната администрација.

Премиерот Заев на крајот ја потенцираше важноста од редовно следење и спроведување на активностите предвидени во Акцискиот план од страна на релевантните институции, со цел овој процес да ги исполни целосно планираните резултати.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...