Во Секторот за внатрешни работи во Тетово вчера било пријавено дека од саботата,18 мај, е исчезнато дете. Жител на Прилеп пријавил дека во Тетово е исчезнато неговото шестгодишно дете.
– Дваесет и деветгодишниот Е.М. од Прилеп, вчера (20 мај) во 11 часот и 30 минути, во Секторот за внатрешни работи Тетово пријавил дека на 18 мај годинава околу 21 часот, додека играл на лулашките во забавниот парк на Спортскиот центар во Тетово, наеднаш се изгубил нивниот шестгодишен син – информира Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.
Прилепчанецот во полицијата истакнал дека од саботата до понеделникот заедно со сопругата го барале детето, па потоа се одлучиле да го пријават исчезнувањето.
– Според исказот, тројцата членови на семејството времено дошле во Тетово од Прилеп. Во Тетовско престојувале десетина дена и работеле на собирање на старо железо – информираат од СВР Тетово.
Оттаму соопштија дека се преземаат повеќе мерки со цел да добијат повеќе информации и да се најде детето.