Павле Богоевски, сепак, ќе jа води расправата за одземање на мандатот на Груевски

519

Павле Богоевски, претседателот на собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања, ќе ја води расправата за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски, потврдуваат извори во Собранието, откако во минатата недела опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара Богоевски да се изземе и да даде оставка.

Оставката беше побарана поради скандалот со аудио-снимка која ја објави извесен Илија Громовник на руска социјална мрежа со тврдење дека пратеникот нарачувал дрога, но Богоевски на Фејсбук обjави дека нарачувал масло од канабис за болен член на неговото семејство и дека разговорот го снимил таксист. Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека пратеникот Богоевски нарачувал масло од канабис за неговата болна сестра и дека самиот Богоевски ќе реши дали ќе даде оставка или не. Досега Богоевски на ова прашање не одговори директно.

Откако опозицијата побара оставка од Богоевски, се појавија информации дека седницата на мандатно-имунитетната комисија можно е да ја води заменичката на Богоевски, Снежана Калеска Ванчева, но сепак во Собранието велат, дека останува таа работа да ја сработи Богоевски.

За тоа како ќе постапи опозициската партија, со оглед на тоа што нема да биде прифатено нивното барање за оставка и изземање на Богоевски од комисиската расправа за мандатот на Груевски, Никола Мицевски, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, претходно изјави дека ќе одлучат откако ќе видат како надлежните институции, Обвинителството и МВР го решаваат случајот со Богоевски.

Обвинителството вчера нареди полицијата да направи проверки околу утврдување на идентитетот на таксистот кој наводно извршил снимање на разговорот. Потоа ОЈО бара, да се направат проверки од кое лице евентуално била нарачувана дрога и за кое лице била нарачката.

Обвинителството, исто така, побара Министерството за внатрешни работи преку меѓународните инструменти кои ги користи да направи проверки и за тоа кој е сопственик на профилот на руската социјална мрежа „Вконтакте“, каде што беше објавен снимениот телефонски разговор на Богоевски, кој на 15 мај во полициската станица „Центар“ пријави непознат сторител за незаконското прислушување и тонско снимање.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...