Катарина Китаровиќ, ќерката на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, е примена на четири најпрестижни светски универзитети – меѓу нив се Харвард, Станфорд и Колумбија. Девојката го избрала Харвард. Ќе добива стипендија двојно повисока од платата на нејзината мајка (од универзитетот, не од државата!), а Хрватска нема да плаќа ниту евро за нејзиното студирање, бидејќи ќе се одрече и од осигурувањето што ѝ следува.
Уште неколку детали за талентираната Катарина. Оваа девојка, иако државна првенка во уметничко лизгање и ќерка на Колинда, многу ја цени својата приватност и не сака да биде јавна личност. Освен што е одлична ученичка, посетувала посебни менторски програми за математика и за креативно пишување. Им помагала на своите врсници со суицидни мисли и за тоа напишала книга.
Ех, кога ќе се сетам на сите оние полемики со нашиве локални „правдољубиви“ политичари, кои ја убедуваа јавноста дека на нивните деца „легално“ им следуваат државни стипендии за студирање во странство, а нивните медиумски подопашници ме караа дека сум ги мразел тие способни девојки и момчиња, бидејќи ги критикував нивните татковци што уште сега ги легнале на државни јасли…
Згреши еднаш, не греши пак!
Но, друго ми е муабетот денеска. Сакам пак, по којзнае кој пат, јавно да му се обратам на другарот Зоран Заев, во врска со најавената чистка во администрацијата и во партијата. Со кодно име „Метла“. Која треба да се случи во првата половина на јуни. Му се обраќам, за да не биде како во народната „се тресеше гората, се роди глувче“.
Друже Заев, твојата ќерка Александра е матурантка, на иста возраст со Катарина Китаровиќ. Освен што верувам дека и твојата ќерка, како и ќерката на хрватската претседателка, ќе избере добри студии и ќе стане успешна, сакам да те предупредам дека и двете утре најверојатно нема да изберат да станат чиновнички во своите земји и да чекаат плата од државните буџети. Талентираните, способните и упорните деца имаат малку поинакви соништа. Господ здравје и среќа да им дари, а секое од нив ќе си ја следи својата ѕвезда.
Во Македонија, премиере, платите во јавната администрација сè уште се високи и безбедни. Во споредба со ослабениот приватен сектор, се разбира. Тоа не е добро за земјата, бидејќи младите и способните си заминуваат во странство, а оние другите се зачленуваат во партиите и бараат државна неработа. Тоа, пак, тебе те става во прилично комотна положба и во администрацијата и во твојата партија (од каде што најчесто, за жал, се регрутира чиновништвото) да донесеш способни и чесни луѓе, талентирани и посветени, а не такви какви што сега преовладуваат – клатат врата и земаат плата. Можеби ние немаме шампиони од Харвард и Станфорд, но способни луѓе имаме. И млади и возрасни.
При првиот избор на своите соработници, по доаѓањето на кормилото на партијата, а потоа и на кормилото на државата, ти не се покажа во најдобро светло. Сега гледаме дека твојот основен критериум била партиската лојалност, а очигледно е дека многу се размислувало и за потребата да ги задоволиш апетитите на сите за кои си мислел дека утре ќе ти бидат гласачка машина што постојано ќе ве одржува на власт, тебе и твојата партија. Сè уште во СДСМ преовладува уверувањето дека тоа така треба и да биде. Сега, после лошите изборни резултати, кога гледаш дека гласачката машина поприлично за’рѓала, верувам дека сфаќаш дека си згрешил. Твојот лош избор не зборува лошо за избраниците, туку зборува лошо за тебе.
Но, секој има право на грешка. Имаш и ти. Ама, секој мора да се труди да ја исправи својата грешка. Ова е единствена можност да го сториш тоа. Ако згрешиш пак, ќе изгориш. Оти, знаеш како е, кога на јавна куќа не ѝ врви работата, не се менуваат чаршафите…
Три бесплатни совети
Друже Заев, пред да одлучиш што годе, ти предлагам прво да ги слушнеш моите три совети. Тие не се само мои, за нив зборуваат многу добронамерни луѓе. Ако советите ти помогнат, добро, должиш кафе. Ако ти одмогнат, извини, ама јас морам да си кажам…
Значи, прво што треба да сториш е да се ослободиш од сите партиски ропаци и шалабајзери, кои мислат дека функциите што си им ги доверил им следуваат затоа што учествувале во „рушењето на Груевски“, што ќе рече – по заслуга. Знаеме дека си итар, но сега е време да станеш мудар. Време е да сфатиш дека тие што се фалат дека го „рушеле“ Груевски, утре ќе те урнат и тебе. Знаеш зошто? Затоа што само за тоа и ги бива. Тие се деструктивци, способни само за рушење. А на сите нас ни се потребни луѓе способни нешто да изградат – од себе, за себе, за државата, во крајна линија и за тебе и за твојата партија.
Вториот совет е веднаш, без размислување и лажно морализирање, да се ослободиш од сите кои од непотизмот направија „етичка“ категорија, да не речам „метод“ на владеењето и на напредувањето и во СДСМ и во администрацијата. Не само ропаци и шалабајзери, туку и релативно чесни но не многу паметни луѓе, си се убедиле себеси, а изгледа те убедиле и тебе, дека имаат некакво „природно“ право сега, кога се на власт или блиски до власта, да си ги спастрат најблиските, роднините и пријателите. И сите заедно верувате дека така создавате некакво монолитно гласачко тело. Тоа е тешка глупост, премиере! Така само се создаваат кланови и се раѓа потенцијал за корупција и за криминал. За кој, на крајот на приказната, ти ќе бидеш одговорен.
Конечно, те советувам да избереш способни и чесни луѓе. Такви што не можеш да ги купиш со пари. А се изнакупувавте луѓе со пари и ситни привилегии во овие две години. Промашени инвестиции, фрлени пари се тоа, пријателе. Верувам дека во твоите семејни фирми не ги купувате луѓето на таков начин, дека не котите лојални будалетинки, туку вредни и способни работници. Инаку би пропаднале за три дена. А ако сакаш верност и лојалност, купи си куче и – нема да згрешиш.
На крајот, знај дека твојот избор сега пак ќе зборува за тебе, за твојата храброст и за твоите лични квалитети. Покажи се, друже. Ако можеш.
ПС. Не очекувај од мене, премиере, да ти кажувам кој треба да биде изметен, кој да остане и кого да ангажираш. Никогаш не сум го правел тоа и нема ни да го правам. Тоа е „спорт“ со кој се занимаваат медиуми и медиумчиња кои ви се миленичиња и кои значајно придонесоа да паднете на ова дереџе. Ако толку ви сече, пак нив да си ги слушате.