Граѓанската иницијатива 5 до 12 бара центар за деца со аутизам

118

– Граѓанската иницијатива 5 до 12 бара Министерството за труд и социјална политика што поскоро да пушти во употреба центар за рехабилитација на лица со аутизам и сродни невролошки состојби.

Од 5 до 12 велат дека простории за ваков центар се обезбедени, но оти веќе една година не се пуштени во употреба. 

– Едно од барањата на 5 до 12, уште на првите кампови што ги имавме во Жена паркот пред точно две години беше центрите за рехабилитација да бидат прилагодени за лицата со посебни потреби. Ова е еден од центрите кој потоа беше уреден, но за жал тој не е пуштен во употреба – рече Суарет Алишан од Граѓанската иницијатива 5 до 12 и додаде дека просториите, кои се наоѓаат во зграда позади Соборен храм во Скопје, една година стојат празни.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека тврдењата на дел од членовите на Иницијативата 5 до 12 изнесени на денешната прес-конференција дека на споментиот простор до Центарот за даунов синдром требало да се отвори Центар за аутизам и други невролошки состојби се груби манипулации.

– Отворање на таков центар воопшто не е планирано. Во објектот што го споменува иницијативата првично требаше да биде сместен Центарот за даунов синдром, но поради доцнење на изведувачот со градежните работи договорот е раскинат од страна на Министерството за труд и социјална политика и  е покрената судска постапка. Со цел да се обезеди квалитетна услуга која е во интерес на корисниците сега Центарот за даунов синдром е сместен во друг простор – посочуваат од МТСП.

Членовите на оваа иницијатива, велат дека овој центар им е итно потребен, потенцирајќи дека  рехабилитацијата е многу важна за лицата со посебни потреби, особено за децата. 

– Вакви центри, не само овој, туку и многу повеќе ни се потребни. Децата нема каде да се рехабилитираат, да го поминуваат времето, како и да се социјализираат и дружат – рече Зоран Гиев, родител на дете со состојба од спектарот на аутизмот.

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека во Скопје функционираат два  Дневни центра за аутизам.  Едниот е управуван од  Меѓуоопштинскиот центар на град Скопје и е сместен во простории  на Заводот за рехабилитација Скопје, а со вториот управува, Здружение на граѓани за третман на лицата со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром – „Во мојот свет – Скопје. И двата центри се поддржани со средства од страна на МТСП.

Здружението „Во мојот свет, во соработка со МТСП и со Министерството за здравство работи и на подготовка на уште еден центар за аутизам во Охрид, што ќе се опремува со донација од  Амбасадата на Република Бугарија во Северна Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...