Грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за „Фајненшел тајмс“ вели дека се обидел да иницира договор за спорот за името уште за време на владеењето на поранешниот премиер Никола Груевски, но оти тој одбивал каква било средба. За таквата намера, истакнува Ципрас, ја информирал и германската канцеларка Ангела Меркел.
– Груевски беше човек кој никогаш не сакаше да преговара. Се сеќавам дека отидов во Берлин. Се сретнав со канцеларката Меркел. Долго време дискутиравме за економската криза, долгот, дефицитите, меморандумите и сл. Решивме да зборуваме и за надворешна политика, а јас и реков: сакам да го решам овој проблем, дури и со Груевски. Ќе се обидам да го предизвикам со тоа што ќе го седнам на маса. Ако тој не сака да седне на маса, ќе биде обвинет дека не сака решение – наведува Ципрас.
Меркел, како што раскажува грчкиот премиер, му одговорила дека не му верува бидејќи сите негови претходници не сакале да го отворат ова прашање, а особено поранешниот премиер Андонис Самарас.
– И реков дека моето мислење е поинакво, оти Грција ќе има корист ако успееме да ги решиме споровите со нашите северни соседи. Грција има доволно разлики со соседите на исток – и не ни требаат повеќе проблеми со нашите северни соседи, особено ако се земји кои не се закана за нас – изјави Ципрас.
За постигнатиот договор за името со Зоран Заев, за што пратеници во Европскиот парламент ги номинираа за Нобелова награда за мир, Ципрас вели станува збор за балансирано и обострано корисно решение.
– Се чинеше дека единствената разлика беше името. Но, не беше само името – туку и нашата историја и нашиот идентитет. Тоа ги правеше работите многу тешки. Мислам дека постигнатиот договор е балансиран. Никој не ја доби својата позиција 100 проценти… Северна Македонија е мала земја со 2,5 милиони луѓе. Ако имаме нормална врска, оваа земја би можела да биде стратешки партнер за Грција, поле за инвестиции, за отворање пазари – вели Алексиси Ципрас во интервјуто за „Фајненшел тајмс“.